Пленковиќ: Ќе притискам за отворање на преговорите со Македонија

Во сите свои активности на АФЕТ ќе поттикнувам расправи и предлози за отворање на преговорите за членство на Република Македонија во Европската Унијa, ветува хрватскиот европратеник Андреј Пленковиќ, кој синоќа беше избран за потпретседател на најсилниот Комитет во Европскиот парламент - Комитетот за надворешни работи (АФЕТ).

Според информациите на МИА, Пленковиќ од Хрватската-демократската заедница (ХДЗ) и Европските народни партии (ЕПП) стана највисоко рангиран Хрват во европскиот закондавен дом со тоа што синоќа беше избран за заменик на Елмар Брок на чело на Комитетот со најголем број на европратеници (71) и каде меѓудругото се гласа и за Резолуцијата за Македонија и останатите земји-кандидати и потенцијални кандидати за членство во Унијата.

- Мене ми е драго што ја добив довербата на моите колеги во Комитетот за надворешни работи на ЕП да бидам еден од четворицата потпретседатели. Се разбира дека една од главните теми што ќе биде на дневен ред на АФЕТ е понатамошното проширување на Европската унија. Притоа, тема е и отворање на преговорите со Македонија која сум сигурен дека ќе се најде на дневниот ред на Комитетот, вели Пленковиќ во изјава за МИА.

Тој вели дека како човек кој со години се залага за квалитетни билатерални односи меѓу Хрватска и Македонија, тој силно го поддржува и европскиот пат на Македонија.

- Секако дека во сите свои активности ќе поттикнувам расправи и ќе ги поддржам предлозите што ќе бидат за отворање на преговорите и за забрзана институционална динамика со цел Македонија да продолжи со реформите и на крајот се надевам и да стане членка на Европската унија, истакнува Пленковиќ.

На прашањето дали смета дека во наредните две и пол години додека тој е потпретседател на АФЕТ, Македонија да ги стартува преговорите за членство во ЕУ, Пленковиќ вели дека се надева дека ќе дојде до решение на клучниот проблем, истакнувајќи дека целата македонска јавност знае во што е проблемот.

- Да беше до Хрватска, одамна ќе почнеа преговорите меѓу ЕУ и Македонија за пристапување на земјата кон Унијата. Ние ќе се трудиме со сите дипломатски средства да дојде до премостување на оваа блокада што за жал трае предолго и според моето длабоко уверување истата не придонесува за понатамошна динамика и позитивна европска атмосфера во Македонија. Заедно со колегите ќе се трудиме да бидеме оној двигател што ќе го забрза тој процес, вели Пленковиќ.

Пленковиќ вели дека за разлика од неговите претходници кои ја условуваа Македонија со „ФИРОМ“, тој ќе има сосема друг однос.

- Хрватска ја има признато Македонија под нејзиното уставно име. И досега кога настапував во Комитетот за надворешни работи го користев зборот Македонија. Тоа не е никаква тема ниту за мене, ниту за некој друг хрватски европратеник. Знаете дека овде во ЕП постојат некои непишани правила кои функционираат и се такви какви што се, но ќе им дадеме до знаење дека уставното име на Македонија е она што јас како европратеник и Хрватска како земја го почитува, вели Пленковиќ.

Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европарламентот, пред крајот на секоја година изгласува Резолуција за една од земјите-кандидати или потенцијални кандидати за членство во ЕУ, а врз основа на последниот прогрес-извештај за земјата од страна на Европската комисија. Во последните пет години ЕП, но и Комисијата, издаваат позитивни извештаи и Резолуции за Македонија, со препорака за итно отпочнување на пристапните преговори. Но, поради ветото од страна на Грција во Европскиот совет, нашата земја веќе девет години е само со статус на кандидат.

08.07.2014 - 12:48
Фото: 
Телеграф
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега