Слаткото на„Јомифуд“ ќе добие автентичен дизајн

 Седум видови на слатко од асортиманот на компанијата „Јомифуд“ од Велес ќе добијат нов автентичен дизајн и бренд идентитет. Млади дизајнери и креативци ќе работат на создавање на автентичен дизајн и брендирање на производите на компанијата „Јоми фуд“ од Велес. Во својот асортиман „Јоми фуд“ има седум видови на слатко и тоа од вишна, малина, зелена смоква, јагода, портокал, дива капина и аронија, а слатката се произведуваат по традиционална рецептура без користење на додатоци.

Управниот одбор на Движењето за поддршка за креативноста –Иво Лауренчиќ – „Браво сине“ и Skopje Design Week ја избраа компанијата „Јомифуд“ откако беа разгледани сите пристигнати пријави од компаниите производители на слатка. Компаниите што влегоа во потесен круг беа и посетени од претставници на Движењето за поддршка за креативноста –Иво Лауренчиќ – „Браво сине“ и Skopje Design Week, по што следеше финалната одлука. Пресудно за изборот на компанијата беше асортиманот на слатко од различни овошја, присуство во малопродажната мрежа во Македонија и користење на домашна суровина за производство.

Со денешното потпишување на договор за соработка меѓу Движењето за поддршка на креативноста –Иво Лауренчиќ – „Браво сине“, Skopje Design Week и „Јоми фуд“, се предвидува компанијата да го промени целокупнотобрендирање и изглед на производите во рок од една година.

„Особено сме задоволни од интересот на компаниите за подобрување на дизајнот и брендирањето на производите. Свесни дека имаме квалитетни национални производи, ние се залагаме за подобрување на нивниот естетски изглед во насока на што поконкурентни производи и на домашниот и на странските пазари. Спојот на дизајнот и производот секогаш даваат добри резултати, ги поттикнуваат креативците, ги мотивираат компаниите, а потрошувачите се задоволни“, изјави Ангелка Пеева Лауренчиќ член на Управниот одбор на Движењето за поддршка за креативноста –Иво Лауренчиќ – „Браво сине“.

„Јомифуд веќе осум години постои на пазарот и нашето искуство покажува дека за понатамошен развој и за градење на силен национален бренд неопходно е создавање на нов идентитет на нашите производи што ќе раскаже една автентична и препознатлива приказна. Помошта во тој дел од професионални дизајнери со свежи идеи ќе биде од огромно значење за нас, бидејќи ваква шанса не се добива често“, изјави Зоран Аврамов сопственик на компанијата. 

По изборот на компанија ќе следи распишување за конкурс на дизајнери и креативци кои ќе добијат конкретни насоки за карактеристиките на производите на компанијата Јоми фуд. Конкурсот ќе биде распишан деновиве, а ќе трае до 1 септември годинава. Победничкото решение ќе биде објавено во рамките на годинешното издание на Skopje Design Week, а ќе биде наградено со парична награда во износ од 200.000 денари, која ја обезбедува Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ- „Браво сине“. 

Главна цел на Skopje Design Week е поврзување на креативните идеи со реалниот сектор и создавање на дизајнерски производи кои ќе имаат нова додадена вредност. Токму затоа и овој проект е од огромно значење бидејќи од него ќе произлезе нова успешна приказна на пазарот. Веќе се покажа дека спојот на дизајнери со компании дава врвни резултати“, изјави Марта Наумовска Грнарова претставник на Skopje Design Week.

Движењето за поддршка на креативноста - Иво Лауренчиќ – „Браво сине“, чија цел е поттикнување и поддршка на талентот и креативноста кај младите во функција на создавање силни национални брендови го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија – Иво Лауренчиќ. Преку своите активности Движењето за поддршка на креативноста се стреми преку создавање на спој меѓу дизајнот и индустријата да се создадат производи со додадена вредност кои ќе ја зголемат својата конкурентност на домашните и странските пазари.

 

Голем број претставници на јавниот живот, бизнисмени, уметници, членови на академската заедница, како и луѓе од креативната индустрија од земјава и целиот регион, дадоа поддршка на Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ во насока на исполнување на овие цели.

08.07.2014 - 13:38
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега