„Дневник“: Странци не може да се мешаат во „Монструм“

Да биде јасно, странските експерти може само да бидат набљудувачи без право да вршат претрес на предметот, да анализираат докази, а уште помалку имаат право да даваат сугестии како да се реши предметот, вели универзитетскиот професор Осман Kадриу за Дневник.

-Правната процедура во земјава е јасна, случајот „Монструм“ треба да се реши во рамките на нашиот правен систем. Барањето на лидерот на ДУИ, Али Ахмети процесот да се врати на почеток под мониторинг на меѓународните правни експерти е политички маркетинг, децидни се правниците. Ова дотолку повеќе ако се знае дека странските експерти може да бидат само набљудувачи на процесот, а никако да вршат претрес на доказниот материјал или уште повеќе да сугерираат како предметот да се реши, пишува Дневник.

По пресудата за „Монструм“, Ахмети оствари средби со амбасадорите на САД и ЕУ и на неколку други влијателни држави и од нив побара поддршка предметот да се врати на почеткот и судењето да го следат меѓународни правници, потсетува весникот.

Професорот по уставно право Осман Kадриу вели дека правната процедура е јасна и дека за „Монструм“ е надлежна нашата судска власт. 

- За тој случај е донесена првостепена одлука и според најавите најверојатно одбраната ќе ја обжали одлуката, а можно е тоа да го стори и обвинителството. Да видиме како ќе тече случајот, но јасно е дека „Монструм“ треба да се решава во рамките на нашиот правен систем. Откако нашата одлука ќе стане правосилна, осудените може правдата да ја бараат пред европскиот суд за чoвекови права во Стразбур. Ова е правниот пат и само судот што го води претресот може релевантно да зборува, вели Кадриу.

Поранешен уставен судија кој сакал да остане анонимен, за Дневник коментира дека барањето на Ахмети е одраз на лицемерството на неговата партија.

- Интегративците 10 години се дел од извршната, но и од судската власт и барањето меѓународни експерти да го следат судскиот процес е всушност недоверба во институциите во кои и тие активно партиципираат. Нејасно е за каква поголема транспарентност на процесот инсистираат кога се знае дека судските процеси се јавни и транпсрентни, вели за Дневник поранешниот судија.

И според Kадриу, надворешните правни експерти може само да го набљудуваат процесот.

- Да биде јасно. Странските правни експерти може само да ја следата судската расправа. Но, тие се само набљудувачи без право да вршат претрес на предметот, да анализираат докази, а уште помалку имаат право да даваат сугестии како предметот да се реши - вели Kадриу.

09.07.2014 - 11:20
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега