Јанкулоска остро го осуди палењето на македонското знаме

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска најостро го осуди палењето на македонското знаме на протестите што вчера се одржаа во Приштина.

- Очекувам дека властите во соодветните земји ќе ги преземат соодветните законски мерки да ги расчистат случаите, а сторителите да бидат соодветно санкционирани, изјави Јанкулоска по уништувањето на запленето оружје и разновидна дрога во печките на „Југохром“ во тетовско Јегуновце.

На новинарско прашање дали официјално е реагирано до земјите каде имаше вакви инциденти, министерката одговори дека тоа е во надлежност на МНР.

Во однос на протестите кои се најавени кон крајот на недела,  Јанкулоска апелираше до лицата кои ќе учествуваат и што имаат намера да се приклучат на протестите, тоа да го прават мирно бидејќи МВР е подготвено на максимално професионален начин, со почитување на сите професионални стандарди, соодветно да одговори протестите да не доведат до нарушување на јавниот ред и мир по улиците и градовите каде што ќе се спроведат, како и нивно ескалирање во поголемо насилство.

- За постигнување на оваа цел потребно е учество и на сите други останати општествени чинители, рече Јанкулоска.

Министерката истакна дека се уште трае идентификација на лицата кои учествувале, предизвикале и провоцирале насилство на протестите во Скопје. Досега се поднесени 24 кривични пријави за кои затворската казна изнесува од три месеци до пет години и 10 прекршочни пријави.

09.07.2014 - 15:13
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега