Странските туристи навалија на Скопје 2014

Кога шетате во главниот град, односно низ центарот на Скопје, ова веќе не е невообичаена слика. Групи од странски туристи во фото апаратите во рака го сликаат секој интересен детал, градба и обележје на Скопје. Граѓаните на Скопје веќе се навикнаа на глетката “странски туристи“ , а рестораните и хотелите тријат раце, пишува Лидер.

Од здружението на туристички водичи, за Лидер објаснуваат дека Скопје најчесто е мета на повозрасни туристи, а дека омилена дестинација им е Скопје 2014 и Старата Скопска чаршија

“Старата Скопска чаршија нуди забава, а странците кои доаѓаат најмногу сакаат да одат таму. Не ги интересираат стандардните места за забава, како дискотеки, колку што се импресионирани од Чаршијата. Ја шетаат цена затоа што им се бендисува архитектурата, амбинетот. Додека во однос на туризмот, кога ќе дојдат странски гости , се знае дека најмногу сакаат да ги видат градбите од Скопје 2014, потоа Мајка Тереза, Милениумскиот Крст, Матка, и некои други постари градби“ вели за Лидер Бранко Босилков, претседател на здружение на туристички водичи во Скопје.

И странските тур оператори потврдуваат дека има интерес за посета. Според нив, евтините летови во последно време придонесуваат во голема мера за туристичка дестинација да се одбере Македонија и Скопје.

“Јас носев туристи од Данска, се интересираа, прашуваа и дојдоа. Една група, беше четири дена во Аурора – Берово и два дена во Хотел Парк во Скопје. Минатиот август и септември беа неколку групи од по минимум десет и дополнително некои дојдоа индивидуално затоа што менуваа датуми. Јас работам во Копенхаген, Данска и еве денеска ме прашуваа други заинтересирани од таму дека сакаат да дојдат во август и септември во Скопје и Охрид. Туристите кои веќе ја имаат посетено Македонија се генерално задоволни, а добра е идејата за субвенционирање на тур операторите за секој донесен турист“ раскажува за Лидер, Марјан Николовски ,менаџер од ЈИЕ на GG tours.

Во недела пристигнуваат 10 туристи од Мексико. Идејата да ја посетат Македонија е како резултат на службеното патување на еден од групата, Едуардо Магања. Тој за Лидер вели дека во Мкаедонија доаѓал неколку паи. Досега бил во Охрид за време на Водици, се фрлил во Охридското езеро по крстот, посетил неколку винарии , а голем впечаток му оставила и Старата Скопска чаршија. На своите пријатели ја пренел идејата дека Македонија е место одлично за посета.

“Сакам да доаѓам овде, и кога би имал шанса и повеќе слободно време би доаѓал многу почесто. Едноставно ја засакав оваа земја, луѓето се пријателски настроени, има добра храна, го обожавам ајварот, но исто ака и домашната ракија и виното, имате прекрасно вино. Цените не се многу високи, па така се вклопувам во целиот амбиент. Затоа сега во јули за прв пат ќе дојдеме организирано. Ќе престојуваме во Скопје, во Охрид- веќе најдовме сместување и ќе видиме кои ќе бидат другите места кои што ќе ги посетиме“ вели Едуардо Магања, од Мексико за Лидер.

За зголемувањето на бројот на странски туристи зборуваат и податоците на Заводот за статистика. За периодот 2009-2013 година забележано е зголемување на бројот на странци кои пројавиле желба да ја посетат метрополата.

-Забележан е вкупен раст за околу 40.000 лица, а за исто толку се зголемиле и ноќевањата. Бројот на домашни и странски туристи кои престојуваат во земјава, на Скопје секогаш отпаѓа една четвртина. Ако лани во Македонија се регистрирани 701.794 туристи, 168.623 луѓе барем на еден ден го посетиле Скопје. Од нив дури 149.027 биле странци. Според податоците од Заводот за статистика, од јануари до април годинава, Скопје го посетиле 39.861 турист, што е околу една четвртина од вкупниот број кои се регистрирани во цела Македонија за овој период – 138.882 лица. Во првите четири месеци, во метрополата, остварени се 68.477 ноќевања, што во просек значи дека секој турист престојувал барем еден и пол ден во главниот град, пишува Лидер.

Од Градот Скопје наведуваат неколку причини за зголемениот интерес: „Скопје 2014“ - евтините авионски летови, како и добрите критики од странските туроператори и туристички медиуми.

Надлежните од Градот Скопје за Лидер велат дека стратешки ги следат состојбите во туризмот и врз основа на тоа реализираат разни активности кои придонесуваат за уште поголема туристичка афирмација на македонската метропола.

10.07.2014 - 10:03
Фото: 
Телеграф.мк
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега