Македонец главен во Чешка: Неговиот сладолед магнет за туристите

Во туристичкиот град Требоњ, во јужниот дел на Чешка, не се само замокот и бањите интересни за посетителите, туку голем дел од нив го посетуваат градот за да го јадат сладоледот кој го произведува и продава Македонецот Туран Реџепи, пишува чешкиот интернет портал „Финанчни новини“, пренесува МИА.

Двете слаткарници на Реџепи веќе 14 години се атракција за туристите. Слаткарниците работат седум дена во неделата од наутро до навечер.

- Се приспособувам на она што го сака клиентот. Во Чешка, на пример луѓето сакаат помалку благ сладолед отколку во земјите на поранешна Југославија. Ме интересира што луѓето мислат за сладоледот и за тоа разговарам со нив, вели Реџепи во интервју за „Финанчни новини“.

Мештаните велат дека Реџепи ја стекнал популарноста со сопствениот рецепт и акробатските вештини при служењето на сладоледот. Тој, пак, вели дека рецептот е таен и единствено што открива е дека важно е да се има добри суровини за изработка, а вкусовите се само додаток.

Реџепи не се жали дека во лето работи и по 16 часа во денот. Тој ги затвора дуќаните само во декември и тогаш оди во посета на своите роднини во Македонија.

- Но, дома веќе се чувствувам тука и сакам да останам засекогаш, вели Реџепи, кој зборува пет јазици и од пред извесно време во Чешка ги довел и сопругата и двете деца. 

10.07.2014 - 10:40
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега