Реис Реџепи: Би ги мавал оние кои манипулираат со протестите во Македонија

 Јас лично повеќе би ги мавал лицата што манипулираат со протестите отколку да го изразувам гневот кон полицијата, истакна вчера поглаварот на Исламската верска заедница реис-ул-улема Сулејман Реџепи коментирајќи ги протестите против пресудите во случајот „Монструм“.

Во изјава за албанскиот весник „Коха“, која ја пренесува Дневник, Реџепи остро ги осуди манипулациите кои се појавиле на протестите.

- На протестите во Скопје имаше премногу хорор. Видовме странски знамиња со арапски текстови, кои не и припаѓаат на нашата нација, нашата држава, па дури и на нашата вера. Тоа беа знамиња на обични манипулатори. Зошто е потребно знамето на Саудиска Арабија да се вее пред носовите на македонските полицајци. Јас не верувам дека арапската држава ќе им дозволи да манипулираат со националното знаме. Таквите лица, без сомнение, се вклучени со цел да се девалвира национален или верски протест, вели Реис Реџепи.

Многу е ризично, предупредува тој, да се организираат протести чиј организатор е непознат и кои се претвораат во девалвирачки и штетни.

Ова е прв пат Реџепи да излезе со остра осуда за вакви протести на кои се истакнуваат знамиња на исламски земји и натписи на арапски јазик. 

10.07.2014 - 12:11
Фото: 
А1Он
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега