Oфицијално избрани новите заменици министри во Владата

Македонското Собрание денеска со 71 глас „за“ и еден „против“ го прифати предлогот за именување заменици-министри во Владата.

Од 15-те заменици-министри, на деветмина ова им е втор мандат, додека останатите шест прв пат ќе извршуваат ваква функција.

Заменик-министер во Министерството за одбрана е Арбен Љабеништа, заменик-министер за внатрешни работи е Земри Џамиљи, заменик-министер за правда е Билјана Бришковска-Бошковски и за надворешни работи Драгана Кипријановска. Заменик министер во Министерството за финансии е Ардијан Џељадини, во Министерството за економија- Христијан Делев и во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство - Ванчо Костадиновски.

Јовица Андовски е заменик-министер за здравство, Спиро Ристовски е заменик-министер за образование, Ибрахим Ибрахими е заменик-министер за труд, Љупчо Пренџов е заменик-министер за локална самоуправа, заменик-министер за култура е Драган Недељковиќ, заменик-министер за информатичко општество повторно е Марта Арсовска-Томовска, заменик-министер за транспорт и врски Ниметула Хаљими и заменик-министер за животна средина и просторно планирање е Стево Темелковски.

Македонскиот премиер Никола Груевски истакна дека станува збор за лица кои се подготвени да ги вложат своето знаење и искуство во спроведувањето на програмата на Владата.

- Се работи за луѓе кои верувам ќе ја оправдаат довербата на функцијата заменик-министер. Најголем дел од нив се искусни во дејноста и имаат управувачко раководно искуство. Сите се подготвени да го вложат својот максимум, знаење, креативни капацитети и искуство и да помогнат во спроведувањето на програмата на Владата. Мислам дека со својот капацитет, зрелост и искуство ќе дадат сериозен придонес во спроведувањето на програмата на Владата, рече Груевски во образложанието.

Груевски во денешното обраќаќање пред пратениците, им се заблагодари на сите оние кои досега ја извршувале функцијата заменик министер.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека станува збор за спој на младост и искуство и изрази надеж дека новите заменици-министри ќе имаат добра соработка со пратеничките групи.

- Се работи за континуитет на кадровската политика за избор на квалитетни решенија кои раководат со одредени ресори. Деветмина од нив повторно добиваат шанса што значи дека владините политики кои се спроведуваат даваат резултати и се препознаени од граѓаните, рече Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ. 

Пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ даде поддршка за изборот за заменици-министри, поздравувајќи ја одлуката што меѓу новите кандидати има три жени.   

Пратениците, на почетокот на 8. седница го верификуваа и мандатот на пратеникот Калтрина Азизи. 

10.07.2014 - 12:33
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега