Евростат објави нови податоци: Еве колку жители има Македонија

Eвропската канцеларија за статистика (Евростат), денска ги објави најновите податоци за бројот на жители што живеат во земјите - членки на ЕУ, но и кај кандидатите за членство и во земјите од ЕФТА, јавува МИА.

Според податоците на Евростат, на 1 јануари 2014 година, во 28-те земји членки на Унијата живеат точно 507.4 милиони лица, додека во Република Македонија 2,065 милиони.

За разлика со 1. јануари 2013 година, популацијата е зголемена за 80.000 жители во однос на природниот прираст, како и за 700.000 жители кои се населиле во европските земји.

Во споредба со 2012 година, лани ЕУ имала дури 1,7 милиони жители повеќе и она што е интересно е дека овие податоци покажуваат дека популацијата кај ЕУ-земјите се зголемила за дури 100 милиони лица од 1960 година, кога во 28-те земји живееле вкупно 407 милиони лица.

Во однос на истата споредба, Македонија е проценето дека имала точно 2.065.800 жители на 1 јануари годинава, што во споредба со истиот период минатата година е за околу 30 илјади жители повеќе. Според податоците на Евростат, во период од една година во нашата земја имало 11,2 новороденчиња на илјада жители, а починале 9,3 лица од илјада. Според проценките, Македонија има околу два проценти прираст на населението (точно 1,9%).

Минатата година, во ЕУ се родиле 5,1 милиони бебиња или по десет на 1.000 жители. Највисока стапка на раѓање е забележана во Ирска (15,0%), потоа Франција (12,3%) и Велика Британија (12,2%), додека најниска имало во Португалија (7,9%), Германија, Грција и Италија (сите по 8,5%).

Од друга страна, минатата година се забележани 5 милиони починати лица во Унијата, односно 9,9 лица на 1.000 жители. Највисока стапка на починати е забележана во Бугарија (14,4%), Летонија (14,3%) и Литванија (14,0%), додека најниска имало на Кипар (6,0%), Ирска (6,5%) и во Луксембург (7,0%). Како резултат на тоа, највисока позитивна природна промена е регистрирана во Ирска (плус 8,5%), следат Кипар (+4,7%), Луксембург (+4,2%), Франција (+3,6%) и Велика Британија (+3,2%).

Но, затоа, пак, во 13 земји-членки на ЕУ имало негативна природна промена со тоа што прва е Бугарија (минус 5,2 отсто), следуваат Летонија (-4,2%), Литванија (-3,9%) и Унгарија (-3,6%).

Во 2013 година, Луксембург (+ 19 проценти), Малта (+7,6%) и Австрија (+6,5%) забележале највисока позитивна нето миграција во релативна смисла, додек Кипар (- 13,9 %), Летонија (-7,1%) и Литванија (-5,7%) имале највисока негативна нето миграција, односно во толкав процент лица ги напуштила овие земји и мигрирале.

Во однос на природна промена и нето миграција заедно, најголемо зголемување на стапката на жители е забележано во Луксембург (+ 4,2 отсто со природна промена и плус 19 отсто со миграција), а најголемо намалување имало во Летонија (- 4,0 % во однос на природен пораст и -7,1 отсто во однос на миграција).

Инаку, пишува МИА, од вкупно 507.416.600 жители во ЕУ забележани на 1 јануари оваа година, најмногу жители кај земјите-членки на Унијата има во Германија (80,7 милиони), следуваат Франција (65,8 милиони), Велика Британија (64,3 милииони) и Италија (60,7 милиони жители). Од друга страна, Малта со 425.400 жители е ЕУ-земја со најмал број на популација, а по неа на овој список следуваат Луксембург (549 илјади), Кипар (858 илјади) и Естонија (1,3 милиони жители).

-Во однос на земјите од поранешна Југославија што уште не се дел од ЕУ, а се опфатени со оваа статистичка операција на Евростат, Црна Гора има 624.300 жители, што е за околу 20 илјади повеќе во однос на 1 јануари минатата година, додека во Србија живеат 7,14 милиони лица или 40 илјади помалку во однос на 2012 година, пренесува МИА.

10.07.2014 - 12:37
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега