Иванов: Насилството нема да се толерира

 

Протести се дозволени секаде, меѓутоа насилството не се толерира. Во државата има институции кои функционираат и се справуват со предизвиците. Оттаму надлежните институции преземаат се што е потребно за да спречат какви било појави на насилство.

Ова денеска во Охрид го изјави македонскиот претседател Ѓорге Иванов во врска со протестите за пресудата за случајот „Монструм“ и повеќекратното убиство кај Смилковското Езеро.

- Сите отворени прашања може да се решаваат преку институциите. Оној кој се сомнева во каква било дејност или активности на одредена институција може тоа преку инситуционален пат да го оствари, тоа се однесува и на пресудата за случајот „Монструм“. Мора да оставиме судовите тоа да го сработат, по случајот да се произнесе и Апелација. Секој кој може со сознанија да придонесе за расчистување на случајот или да влијае врз пресудата доколку нешто е противправно, може да го направи тоа, но насилството како начин за остварување одредени цели секојпат се осудува, истакна тој.

Претседателот вели дека е во постојан контакт и во координација со сите надлежни институци во врска со активностите кои се преземаат за актуелната ситуација. Тој нагласи дека службите одговорно си ја вршат работата и ги доставуваат анализите, за кои, најави, јаввноста благовремено ќе биде известена.

- Имало и ќе има такви настани, но не смееме да дозволиме страв кај населението и недоверба во институциите. Граѓаните ни ја дале довербата и ние сме одговорни пред нив да ги преземеме сите активности за да не дозволиме да се случуваат насилни акти во државата, рече Иванов, укажувајќи дека едни исти лица ја користат вознемиреноста кај населението за да освојуваат дневнополитички поени.

За начинот на кој по однос на пресудата за случајот „Монструм“ реагираа одредени кругови од политичката јавност во соседството, пред се во Тирана и Приштина, Иванов истакна дека претходно треба да се имаат сите сознанија, па дури потоа да се даваат какви било реакции.

- Со такви акти како палењето на знамето во Косово, тие повеќе си наштетуваат себеси затоа што сликата за Косово ја пренесуваат низ светот, а сите знаат што Македонија направи за остварувањето на државноста на Косово. Така што сите такви насилни акти како палењето на знамето, оди на нивна штета и ќе се одразува на начинот како врз нив ќе гледат во светот, рече Иванов.

Претседателот Иванов денеска работно го посети Центарот за обука на вода на Охридското Езеро, каде се спроведуваат подготовки за воено-показната вежба што на 16-ти овој месец ќе се спроведува на Охридското Езеро. 

10.07.2014 - 12:49
Фото: 
Алфа.мк
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега