ЕУ повторно повика на смиреност: Секој има право да демонстрира, но не со насилство

 

Европската унија денеска повторно апелираше до сите македонски граѓани да останат смирени и да се воздржат од насилство, јавува МИА.

Портпаролот на Европската комисија, Маја Коцијанчич по повод најавените утрешни протести и контра-протести за пресудите во „Монструм“, во име на официјален Брисел ги повикува македонските граѓани и политичките лидери во земјата „да се здружат во духот на конструктивен дијалог за решавање на прашањата кои го поткопуваат заемното разбирање и кооперативни меѓуетнички односи“.

- Сите граѓани имаат право да демонстрираат и да ги изразат своите ставови на мирен начин, но не и правото да се вклучат во деструктивни или насилни акти, вели Коцијанчич за МИА.

Коцијанчич го повтори минатонеделното соопштение и повик на канцеларијата на ЕУ во Скопје, посочувајќи дека „додека секој меѓуетнички инцидент или обид да се поттикне нетолеранција е шанса да се политизира и да се искористи ситуацијата за лични или политички цели, тоа е исто така можност да се отвори дијалог и да се зајакнат врските меѓу различните заедници“.

- Ова е можност за лидерите да застанат зад интегрираната земја што целосно ги почитува своите различности, порача на крајот портпаролката на Кетрин Ештон, висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

-Официјален Брисел е загрижен од можноста да дојде до ново насилство и нарушување на меѓуетничките односи во Република Македонија во текот на утрешниот ден, со оглед на тоа што освен протести на поддржувачите на осудените во случајот „Монструм“, овојпат се најавени и контра-протести од страна на оние кои даваат поддршка на пресудата доживотен затвор за убијците на четирите момчиња и еден возрасен човек на православниот празник Велики петок во 2012 година, пишува денеска МИА.

10.07.2014 - 13:07
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега