Банките на обука за финансирање енергетски проекти

 

Банките заинтерсирани за финансирање проекти од обновливи извори на енергија денеска имаа можност да се запознаат со советодавните и финансиските производи на Меѓународната финансиска корпорација - ИФЦ. Македонија има потенцијал за искористување на обновливите извори на енергија, а банките треба да дадат придонес. Ова беше истакнато на работилница организирана од оваа институција, заедно со Здружението на банкарство при Стопанската комора на Македонија во Скопје.

Беше претставена обуката за банките, наменета за обработка на кредитните барања за финансирање на малите хидроелектрични централи и воведување на проектното финансирање на проектите од секторот на обновливите извори на енергија. Одделот за инвестициски услуги ги претстави финансиските производи кои банките можат да ги користат за наменски кредити во овој сектор.

- Шансите за развој на банкарскиот сектор на Македонија се огледуваат во можностите за нови знаења и техники за анализа на проектите, како и во подготовката на кредитните барања на клиентите чии идеи и кредитни барања се поврзани со обновливите извори на енергија. Со сиот потенцијал за користење на обновливите извори на енергија кој го поседува Македонија, се отвара реална шанса и за развојот на електроенергетскиот сектор во земјата. Банкарскиот сектор во Македонија, во соработка со ИФЦ, може да даде полн придонес во тој процес, истакна Ѓорѓи Јанчовски, претседателот на Здружението на банкарството при Стопанската комора на Маекедонија.

Целта на работилницата е унапредувањето на внатрешните капацитети на комерцијалните банки, заради подигнување на нивото на знаење на советниците за кредитирање во однос на техничките, правните, еколошките, социјалите и финансиските ризици, кои со себе ги носат проектите за мали хидроелектрични централи, како и во однос на подоброто разбирање на специфичната правна рамка за која се однесува на секторот на обновливи извори на енергија. На работилницата присуствуваа претставници на 10 комерцијални банки.

најчитано сега