Иванов се сретна со организаторите на „Охридско лето" и солистите Фритоли и Нучи

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска во „Вила Билјана" во Охрид ги прими организаторите на фестивалот „Охридско лето", како и светски познатиот сопран, оперската ѕвезда од Италија, Барбара Фритоли, италијанскиот баритон Лео Нучи и аргентинскиот диригент Луис Горелик, со чии настапи утревечер свечено ќе биде отворено годинешното 54.издание на фестивалот.

Кабинетот на претседателот соопшти дека во пресрет на отворањето на „Охридско лето", Иванов изразил задоволство од годинешната програма, посочувајќи дека фестивалот дава исклучителен придонес за промовирање на македонската култура во светот, како и на најзначајните светски културни достигнувања пред македонската публика.

Претседателот Иванов им посакал добредојде на светски познатата оперската ѕвезда од Италија, Барбара Фритоли и на останатите уметници, и посакал успешен настап на утрешното отворање на фестивалот. Претседателот Иванов поздравувајќи го учеството на уметниците на една од нашите најзначајни културни манифестации, изразил очекување дека нивниот настап ќе даде посебен белег на ова издание на „Охридско лето“.

Барбара Фритоли се заблагодарила за гостопримството и изразила задоволство од можноста за средба со македонскиот претседател, дополнувајќи дека првичните импресии од фестивалот и организаторите се исклучително позитивни и оти прекрасно се чувствува во Охрид и Македонија.

На средбата, организаторите на фестивалот го информирале претседателот Иванов за досегашниот тек на подготовките со надеж дека овогодинешниот фестивалот „Охридско Лето“ ќе биде успешен културен настан, со учество на голем број странски уметници од кои многумина за првпат настапуваат во Охрид.

Годинешново 54-то издание на културната манифестација Охридско лето ќе се отвори со гала концерт посветен на Џузепе Верди на кој ќе настапат Фритоли, Нучи и Македонската филхармонија под диригентство на Луис Горелик од Аргентина.

МИА

11.07.2014 - 19:02
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега