Јолевски успешно ја заокружи посетата на САД

Со плодна дебата во Атлантскиот совет, министерот Јолевски успешно ја заокружи работната посета на Соединетите Американски Држави.

Според информациите од Министерството за одбрана, на вчерашната дебата на која присуствуваа поранешни функционери во администрацијата на САД и претставници на „тинк тенк“ заедницата, беа разменети идеи и мислења за идните стратешки чекори што треба да ги преземе Република Македонија во поглед на реформите во одбраната и патот за членство во Алијансата. Во оваа прилика, министерот Јолевски ја пренесе пораката на граѓаните на Република Македонија и нивната одлучност да бидат дел од безбедносниот чадор при што истакна дека нашата земја ги има исполнето сите критериуми за членство во НАТО. Воедно додаде дека нашиот пат не завршува тука, туку дека ќе продолжи со процесот на реформи со цел интеграција во НАТО и Европската унија.

Министерот Јолевски вчерта оствари средба и со конгресменот, Хауард Бак МекКеон, претседател на Комитетот за одбрана на конгресот на САД. На оваа средба тие разменија мислења за иднината на НАТО, а разговараа и на темата проширување на Алијансата. Уште на самиот почеток, конгресменот МекКеон упати благодарност за придонесот во мисијата ИСАФ во Авганистан и истакна дека Армијата на Република Македонија е одличен партнер во мисијата. Конгресменот МекКеон рече дека на него може да се смета на искрен поддржувач во интеграциските процеси за влез во Алијансата.

Во рамки на вчерашните активности, Стејт департментот приреди прием за министерот Јолевски на кој присуствуваше дипломатскиот кор од регионот, функционери на администрацијата и други гости. На приемот на Јолевски му беше врачено писмо со честитки од државниот секретар Џон Кери за досегашниот мандат како амбасадор во САД. По приемот, министерот Јолевски имаше работен ручек со заменик помошникот секретар за европски и евроазиски прашања Хојт Ји. 

12.07.2014 - 10:14
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега