Охрид од денеска центар на случувањата - почнува „Охридско лето“

Стартува 54. издание на најголемата музичко-сценска манифестација во Македонија, фестивалот „Охридско лето“. Почетокот на манифестација ќе го одбележат италијанските оперски ѕвезди, сопранот Барбара Фритоли и баритонот Лео Нучи, во придружба на уметниците на Македонската филхармонија, под диригентско раководство на маестро Луис Горелик.

Италијанските уметници веднаш по пристигнувањето во Охрид изразија задоволство што ја имаат честа да бидат тука, да се претстават пред македонската публика во овој за нив егзотичен дел од светот.

Ѕвездите на свеченото отворање вчера ги прими и претседателот на Република Макеоднија, Ѓорѓе Иванов, кој како покровител на манифестацијата ќе го отвори годинешното фестивалско издание.

Од денеска па се до 20. август, Охрид ќе биде местото на големи концерти, театарски претстави, со ексклузивни уметници од кои за повеќето од нив тоа ќе биде премиерно нивно претставување во овој дел од Европа.

- „Охридско лето“ е една од посебните културни манифестации, фестивал што има мошне чувствителна публика, верна  публика која ја препознава и ја сака културата. Факт што денеска фестивалот го почнува 54-то издание сам по себе значи дека тоа е манифестација што опстојува, и не само тоа, туку заслужен член на Европската асоцијација на фестивали, манифестација што постојано се развива и од година во година добива на квалитет. И самото место на негово одржување е специфичност, како своевиден културен светилник на самите граници на континентот, вели во изјава за МИА, Масимо Мерчели, потпретседател на Европската асоцијација на фестивали.

Мерчело забележа дека вечерашниот концерт со најдобрите оперски пејачи од Италија е само уште една потврда на високото реноме што го поседува и надградува „Охридско лето“.

За иднината на големите културни манифестации како што е „Охридско лето“, вели Марчело, тајната за успехот е во постојана потрага, постојана надградба на ваквите, како што рече, „вистински културни настани, а не во шоу-бизнисот“.

На музичкиот дел од манифестацијата ќе настапат бројни звучни имиња, потврдени уметници, атрактивни фестивалски настани. На „Охридско лето“ ќе настапат пијанистите Елизавета Леонскаја, Аркадиј Володос, волинистите Кирил Трусов, Нинг Фенг, виолончелистот Нарек Хакназариан, Кадеша дуото од Албанија, камерниот оркестар „Св. Ѓорѓе“, гудачкиот квартет Јанкелиевич, ансамблот Вариабиле... За пошироката публика во Охрид ќе видиме и неколку светски атракции, чии имиња и настапи се дел од најпрестижните светски музички сцени, настани што претставуваат вистински ексклузивитет. Меѓу нив  се концертите на хрватскиот пијанист Максим Мрвица, „Моцарт групата“ од Полска, сензационалните вокалисти, но и актери од израелската перформанс група „Вока пипл“, како и целовечерниот концерт на кинескиот Симфониски оркестар „Шенжен“. За роденденот на фестивалот 4 август публиката во Охрид ќе има можност да ужива во настапот на еден поинаков Немања Радуловиќ, светски познатиот виолинист кој како што беше најавено заедно со групата „Ѓаволски трилери“ ќе понуди несекојдневна атрактивна програма, со нови звучни димензии.

Драмскиот дел, пак, содржи девет најнови продукции, од кои две премиери, како од домашните театарски куќи, така и со гостувања на звучни имиња од меѓународната театарска сцена. Самиот избор на претставите ветува несекојдневни уметнички доживувања, претежно комедии, топли претстави со ведар дух, под закрилата на класиката и високата уметност.

Драмската програма започнува со „Отело“ во изведба на Битолскиот народен театар, „многу врева за ништо“ на Театар „Комедија“, праизведбата  на „Аферата Елсинор“ на Љубиша Георгиевски во изведба на МНТ, „Ждрело“ во изведба на Драмскиот театар од Скопје. Од македонската драмска сцена тука е уште и настапот на Албанскиот театар со претставата „Предавање“ на текст на познатиот Мартин МекДонах.

Во драмскиот дел од „Охридско лето“ ќе ги видиме суптилната комедија „Како шпо милувате“ во изведба на „Њу битом“ театарот од Полска, „Његош и ја“ во изведба на Црногорското народно позориште од Подгорица, „Женидба“ од Гогољ во продукција на „У-моста“ театарот од Русија. 

Крајот на „Охридско лето“ ќе го означи претставата „Роденденот на господин Нушиќ“ во изведба на Звездара театарот од Белград, претстава на текст на познатиот режисер Душан Ковачевиќ, а во изведба на познати актери од глумиштето во регионот, предводени од Бранислав Лечиќ.

12.07.2014 - 11:16
Фото: 
fasionel
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега