Евтините летови направија бум во авиотранспортот во Македонија

Авиосообраќајот во земјава бележи вистински бум. Нискотарифните компании го претворија воздухопловниот превоз во нова светла точка на македонскиот транспортен сектор. Бројот на патници континуирано расте, понудата се збогатува со нови дестинации, се зголемува бројноста на летови, се појавуваат нови авиопревозници, пишува Лидер.мк.  Според порталот, токму овие факти, најавуваат дека 2014-та ќе биде рекордна година, во која на двата македонски аеродроми ќе се превезат преку милион патници.

Според информациите од Агенцијата за цивилно воздухопловство кои ги пренесува Лидер, во првит пет месеци од 2014 година, бројот за превезени патници е зголемен за 18,6 проценти, споредено со истиот период лани. Кај превозот на стоки е регистрирано зголемување од 22,4%.

-Од двата аеродрома: „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, биле превезени 433. 349 патници. 96,8% ги користеле услугите на аеродромот во Скопје, додека 3,2% на тој во Охрид. Ако се задржи оваа динамика, и ако се има предвид дека во јануари беа откажани голем број летови поради маглата, тогаш е сосема извесно дека ќе го натфрлиме милионот, пишува Лидер.

И оваа година, зголемен е бројот на патници кои ги користат евтините летови кои ги нудат нискотарифните компании. „Виз ер“ повторно е на врвот.

-Ако се анализираат податоците, тогаш може да се заклучи дека токму нискотарифните превозници и државните субвенции се причината за позитивните движења во авиосообраќајот. Да ги земеме како релевантни податоците од цела 2013-та година. Од вкупниот број патници, дури 440.127 летале со нискотарифни компании, што претставува раст од фантастични 240% во однос на 2012-та година, пишува Лидер.

481.809 патници ги користеле услугите на редовбите авиопревозници, но, сепак, гледано по компанија, нема некој што би му парирал на „Виз Ер“ по бројот на превезени патници. Кај редовните авиопревозници, лидер е „Туркиш Ерлајнс“ со 127.855 превезени патници во 2013-та.

Во вкупниот број на превезени патници, објавува Лидер, „Виз Ер“ има удел од над 36%, па зад него се „Туркиш Ерлајнс“ со 13% и Аустриан со 10%.

-До пред три години нискотарифните компании не им беа доволно познати на домашните патници, но преку субвенционирањето ова се промени, па заедно со претходното паѓање на визниот режим за македонските граѓани, како и со ставање на аеродромите под капата на „ТАВ“, се создаде еден поволен сет услови за развој на домашниот авиосообраќај, пишува Лидер.

-Од 2010-та година, бројот на патници е зголемен за 44 проценти. Во последните три години бележиме просечен раст од по 10 проценти, кои се многу високи, особено ако се знае дека највисокиот просечен раст во Европа е пет отсто, објаснува заменик – директорот на „ТАВ Македонија“, Алпер Тунгај Ерсој.

Повеќе прочитајте на Лидер.

13.07.2014 - 11:30
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега