Посетата на Меркел донесе оптимизам во регионот

Самото присуство на германската канцеларка Ангела Меркел на состанокот во Дубровник да ги слушне лидерите е добра вест за регионот. А состанокот на крајот на август во Берлин кој Меркел го најави, како и самитот „Брдо – Бриони процес“ во Дубровник, како еден вид подготовка и запознавање на Меркел со ставовите на лидерите од Западен Балкан, е потврда за враќање на интересот на Германија во регионот, велат од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.

Според МИА, како клучни заклучоци кои се очекува да произлезат од средбата со Меркел, се промоцијата, охрабрувањето и јакнењето на напредната форма на соработката во регионот со ЕУ, која ќе ја помогне финалната политичка и економска консолидација на регионот во рамките на проширувањето на Унијата.

-Како што посочуваат од кабинетот на Иванов, ова значи дека сите досегашни регионални механизми на одреден начин ја завршија работата (како на пример ПСЈИЕ), дека нема веќе место за декларативност, дека ни треба напредна фаза на соработка од која ќе произлегуваат конкретни резултати, нешто на што претендира „Брдо Бриони процесот“ лани со Оланд, а сега со Меркел. Се бара конечна консолидација на регионот, политичка и економска во рамките на проширувањето, пишува МИА.

Загреб и Љубљана, велат од кабинетот на Иванов, како членки на ЕУ, ја имаат целосната доверба и целосно се посветени да работат на овие прашања со Унијата и нивните соседи.

Со ова, додаваат оттаму, на одреден начин Хрватска и Словенија ја преземаат главната адвокатска работа за поддршка, но и за ЕУ проектите.

-Се нотира состојбата на сите земји во однос на ЕУ, за Македонија се изразува надеж дека Европскиот совет ќе донесе одлука за пристапни преговори, имајќи ја предвид моќноста за паралелно движење во интеграцијата и надминувањето на билатералните разлики, нешто што Македонија во континуитет го бара, пишува МИА.

Од внатрешните реформи не се бега, велат од претседателскиот кабинет, додавајќи треба да се исполнат обврските, да се реафирмира посветеноста за продолжување на внатрешните реформски процеси и поставување целосно обновување и отворање на општествата за подобра соработка за сите прашања од заеднички интерес. Доброто владеење, економскиот развој, владеењето на правото и нулта толеранција на корупцијата се централни задачи. Посебно внимание треба да се посвети на неприфатливиот процент на невработеност, посебно за младите луѓе.

Ова се сега најважните и конкретни барања  да се прифати дека сиромашната инфраструктура во земјите во регионот се сериозна пречка за економскиот подем за слободно движење на луѓето, идеите и капиталот. Ова не го засега само регионот, туку и Европа.

-Клучните проекти како финализирањето на Јадранско-јонската магистрала и железничката линија Минхен, Истанбул преку Љубљана, Загреб и Белград е европски проект од сите аспекти. Планирање, финансирање и градење. Сите фази ќе бидат дискутирани, усогласени и изградени заедно со ЕУ. Овој проект, велат од кабинетот на Иванов, ќе го помогне поврзувањето на регионот со ЕУ. Значи, рангирани се по важност прво Јадранско-јонската магистрала што е за нас приоритет, зашто само така Коридорот 8 за нас ќе има економска логика и исплатливост. Ако се поврзе со оваа магистрала и секако ќе ја зголеми компетитивноста на македонската економија и привлечноста на странските инвеститори, нешто што претседателот Иванов го зборуваше и предлагаше уште на почетокот на првиот мандат, а кое сега стана клучно инфраструктурно барање на целиот регион, пишува МИА.

Треба да се охрабри Европската комисија, велат од претседателскиот Кабинет, да ги забрза планирањата на транспортната и енергетската  инфраструктура, вклучувајќи го Западен Балкан како интегрален дел на европската мапа.
Додаваат дека треба да се поддржат регионалните проекти што се со цел да го отворат јужниот гасовод за пренос на природниот гас, а истовремено тоа ќе претставува безбедносна заштита на регионот.

Имајќи ги предвид сите овие интереси, земјите од Западниот Балкан го повикуваат советот на ЕУ да организира ЕУ-Западен Балкан самит, кој ќе ги постави обврските, можностите и плановите за целосна интеграција на регионот во ЕУ. 

Најважното политичко барање до Меркел, велат од кабинетот на претседателот, е ова да се организира и од него да произлезе јасна мапа за проширување. Најважен, велат, зашто никогаш досега немало не стратешки, туку воопшто каква било дебата за Западен Балкан на Европскиот совет.

На оваа тема ќе се разговара и со италијанското претседавање со ЕУ, за да влезе во процедура.

15.07.2014 - 12:46
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега