3,11 - просечна оценка на Државната матура

3,11 е просечната оценка која ја постигнаа матурантите на полагањето на државната матура годинава, информираше дебеска министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.

Резултатите се објавени на огласните табли во училиштата, како и на веб-страницата matura.gov.mk. Незадоволните кандидати имаат можност утре и задутре да достават приговор до Државниот испитен центар.

Министерот за образование информира дека за јунскиот испитен рок се пријавиле 18.370 кандидати.

- Просечната оценка по мајчин јазик и литература (македонски, албански и турски) е 2,99, а вкупно беа тестирани 17.560 кандидати. Просечните постигнувања по математика, основно ниво изнесуваат 3,04, исто како и постигнувањата по предметот математика, напредно ниво, рече Адеми.

По предметот математика годинава има зголемување на бројот на пријавени кандидати. Математика, основно ниво, годинава полагаа 2.354 кандидати, за разлика од лани кога полагаа 2.142 кандидати. Годинава математика, напредно ниво, полагаа 25 кандидати, а лани само 12 ученици.

- Странски јазици полагаа 16.575 кандидати и постигнат е просечен успех од 3,43. 4.801 кандидат полагаше филозофија, а просечната оценка е 3,98. Предметот естетика го полагаа 150 кандидати, а остварија просек од 3,82. Хемија полагаа 365 кандидати и постигнат е просечен успех од 3,36. Вкупно 3.106 кандидати полагаа биологија и постигнаа успех од 3,42, истакна Адеми.

131 кандидат полагале физика, а постигнат е просек од 3,68. Историја полагале 2.657 кандидати, а постигнатиот просек е 2,99.

Адеми истакна дека годинава првпат на матураните им бил понуден и предметот бизнис, кој го полагале 4.850 кандидати, а просечната оценка е 3,27. Ова, според министерот е знак дека има голем интерес за оваа тематика.

Полагањата оваа година, рече Адеми, се спроведе во најдобар ред, а го следеа  околу две илјади обучени тестатори, наставници, 500 оценувачи, 24 локални координатори и членови на комисии за приговори, како и 200 овластени набљудувачи.

Полагањето државна матура во Македонија се реализира од учебната 2007/2008 година.

Следната испитна сесија за матурантите е во август. На 11 август се полага мајчин јазик и литература, на 13 август странски јазик, на 14 август математика, естетика и филозофија, а на 16 август се полага биологија, хемија, физика, историја и бизнис.

15.07.2014 - 13:40
Фото: 
Лидер
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега