Бесими во Брисел: Реформите се спроведуваат за да го подобрат стандардот на граѓаните

Вицепремиерот задолжен за Европски прашања Фатмир Бесими денеска во Брисел оствари средба со директорот на Директоратот за проширување на Европската комисија Александра Кас Грање.

На состанокот се зборувало за последните политички случувања во земјата, како и за следните чекори на новата Влада. Вицепремиерот Бесими потенцираше дека Европската интеграција останува врвен приоритет.

 

Тема на состанокот било и програмирањето на ИПА 2014/2020, концептот, методологијата и нејзините структури како и за плановите за нејзино спроведување во наредните години.

 

-По состанокот, вицепремиерот Бесими пред претставниците на Европската комисија ја презентираше ревидираната Национална програма за усвојување на правото на Европската унија за 2014 (НПАА). Тој информираше за клучните напори за реформите и краткорочните приоритети, целите на НПАА ревизијата за 2014 година како и за процесот на планирање на НПАА, нејзината имплементација и следните чекори во процесот како што се натамошното усогласување на законодавството, дистрибуција на финансиските и човечките ресурси и употребата на ИПА финансиските средства, стои во соопштението од Кабинетот на вицепремиерот.

 

Бесими истакнал дека Владата на Република Македонија врши редовно следење на спроведувањето на реформите во приоритетните области утврдени со Пристапниот дијалог на високо ниво (ПДВН-HLAD) како што се меѓуетничкиот дијалог, слободата на изразување, владеењето на правото, судството, корупцијата и изборните реформи, реформата на јавната администрација и економски критериуми, како и добрососедските односи во рамките на платформата за продолжување на ПДВН процесот.

 

Вицепремиерот нагласил дека НПАА 2014 има за цел да ги адресира препораките на Стратегијата за Проширување 2013/2014 и Извештајот за Напредокот на Република Македонија, исполнување на приоритетните реформи предвидени со ПДВН, понатамошно остварување на Спогодбата за Стабилизација и Асоцијација, како и продолжување со усогласувањето на националното законодавство со тоа на Европската Унија.

 

-Реформите во Република Македонија не се спроведуваат само за започнување на преговорите, туку за подобрување на животниот стандард на граѓаните и особено дека истите би добиле значително на интензитет доколку Советот на ЕУ конечно донесе одлука за почеток на пристапните преговори со Република Македонија, истакнал Бесими на презентацијата на НПАА.

 

Вицепремиерот задолжен за европски прашања денеска во Брисел ќе има настап и во Центарот за Студии на Европските Политики (CEPS). Вчера тој се сретна со извршниот генерален секретар на Европската служба за надворешни работи Пјер Вимонт и со директорот за Западен Балкан во Европската служба за надворешни работи, Фернандо Џентилини.

15.07.2014 - 14:45
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега