Дубровник: Европскиот совет да одлучи за почеток на пристапни преговори на Македонија

Европскиот совет да донесе одлука за почеток на пристапни преговори на Македонија со ЕУ. Ова е заклучокот кој го донесоа лидерите на „Брдо-Бриони процесот“ на денешниот состанок во Дубровник. 

- Изразивме надеж дека Европскиот совет ќе донесе одлука за пристапни преговори за Скопје, имајќи ја предвид можноста на паралелни пристапни преговори и завршување на билатералните разлики, се вели во заклучокот од состанокот на осумте претседатели на земјите од Југоисточна Европа на кој учествуваше и германската канцеларка Ангела Меркел.

Во заклучоците, пренесува МИА, е наведено дека лошата инфраструктурна состојба во регионот е сериозна препрека за економскиот развој и за слободен проток на луѓе, стока и капитал и дека тоа не е само регионална инфраструктура, туку и европска.

Како клучни проекти кои ќе ја зајакнат врската на региoнот со ЕУ во заклучоците се посочени Јадранско-јонската магистрала и железничката пруга Минхен-Истанбул, преку Љубљана-Загреб и Белград, кои се сметаат за европски проекти од сите аспекти на планирање, финансирање и изградба.

Лидерите заклучија дека треба да се охрабри Европската комисија да ги забрза планирањата на транспортната и енергетската  инфраструктура, вклучувајќи го Западен Балкан како интегрален дел на европската мапа.

Во заклучоците стои и дека треба да се поддржат регионалните проекти што се со цел да го отворат јужниот гасовод за пренос на природниот гас, а истовремено тоа ќе претставува безбедносна заштита на регионот.

Состанокот во Дубровник е продолжение на стратешкиот дијалог на лидерите од Југоисточна Европа, кој во овој формат почна во Загреб на 1 јули 2013 година, а продолжи со состанокот на лидерите од „Брдо-Бриони процесот“ со францускиот претседател Франсоа Оланд на 25 јули 2013 година во Брдо кај Крањ.

Иницијативата за одржување на неформалната средба на лидерите на Западен Балкан и ЕУ заеднички ја покренаа хрватскиот и словенечкиот претседател, Иво Јосиповиќ и Борут Пахор, со желба, како што велат, да бидат промотери на натамошното проширување на ЕУ и добрососедските односи во регионот.

15.07.2014 - 15:30
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега