Интервенција врз пациент со акутен миокарден инфаркт извршена во Штипската Клиничка болница

Кардиохирушка интервенција врз пациент со акутен миокарден инфаркт извршија пред неколку дена доктори од Клиничката болница-Штип заедно со реномираниот интервентен кардиолог од Белград Желимир Антониќ, кој е дел од групата доктори и професори од Институтот за кардиоваскуларни болести – Дедиње кои вршат едукација на докторите во таа здравствена установа.

Доктор Сашко Николов од Клиничка болница-Штип изјави дека здравствената состојба на пациентот е стабилна и се надеваат дека наскоро ќе биде пуштен дома.

Престојот на докторите и професорите од Белград во Штипската клиничка болница е во рамки на напорите на Министерството за здравство за зајакнување капацитетите на Одделот за интервентна кардиологија во болницата, каде од 3 јули почна да се применува компјутер на срце и интервентна кардиологија.

Директорот на Клиничка болница-Штип, Александар Стојановски вели дека првиот изведен ваков итен оперативен зафат е повеќе од потврда за успешноста на владиниот проект за  квалитетна едукација на македонските лекари специјалисти која ја вршат нивни колеги од признати светски здравствени центри.

-  Благодарение на соработката на Клиничката болница со Министерството за здравство, и проектот на Владата за стручно оспособување на нашите лекари во работа со познати и признати имиња од светски ранг во медицината, оваа операција е прв пример за позитивните ефекти од оваа соработка, но и од владиниот проект, рече Николов.

Само на овој начин, посочи тој, нивото на квалитетно лекување во Клиничката болница-Штип е подигнато за повеке квалитативни степени, со што се спасуваат бројни животи на пациенти. 

Лекарите специјалисти од Штипската клиничка болница заедно со тимот на лекари од Белград во наредните месеци ќе работат на интервенции во кои ќе биде вклучена и современата медицинска апаратура. 

15.07.2014 - 16:12
Фото: 
365.ком.мк
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега