Пеинтер: Македонија заслужува да добие покана за членство во НАТО

Треба да се продолжи да се вложуваат напори, да се турка понатаму, за Македонија да влезе во НАТО, затоа што заслужува и сите ние кои ја поддржуваме земјата, Македонците и лидерството треба да продолжиме со своите активности за да се постигне оваа цел бидејќи треба и заслужува да стане член на Алијансата.

Ова е главната порака од Сели Пеинтер, ко-основач и главен оперативен офицер на „Blue Star Strategies LLC“ од предавањето на тема „НАТО Самитот во Кардиф: Стратегија за проширување и искуства од претходните самити“ што денеска го одржа на Воената академија во Скопје, во присуство  на министерот за одбрана Зоран Јолевски.

Таа смета дека Македонија заслужува да биде дел од Алијансата со оглед на тоа што ги исполни сите критериуми од Акциониот план за членство во НАТО и беше ангажирана во сите операции на Алијансата како што се во Ирак и во Авганистан.

- Почитувајќи ги вредностите на Европа и принципот дека Европа треба да биде единствена, цела и слободна, а од друга страна со оглед на глобалната криза и конфликтите што постојат во овој момент, сметам  дека спорот со името е пречката што ја стопира Македонија да стане дел од Алијансата и тоа е голема штета. Треба да се вложат големи напори за Македонија да добие покана, изјави Пеинтер.

На новинарско прашање какви се нејзините очекувања и дали на Самитот во Кардиф, Македонија може да ја добие поканата за членство, Пеинтер потенцира дека секое проширување на НАТО претставува предизвик и оти за секое проширување постоеле членки што се спротивставувале на тоа.

- Овие одлуки не беа лесни, но мора сите да се ангажираат за да се постигне напредок и да се претвори Самитот на НАТО во Кардиф, Самит на проширување. Треба сите да работиме на тоа и не треба да се откажеме. Би сакала да видам и повеќе ангажирање од Македонците за ова конкретно прашање, рече Пеинтер.

На прашањето дали е можна политичка одлука за прием на Република Македонија во Алијансата, таа подвлече дека одлуките се политички, но може да се менуваат. Посочи дека таков бил случајот во 1999 година, кога на прием пред Самитот на НАТО во Вашингтон лидерите се собрале и иако постоеле претходни противења донеле одлука за прием на нови членки, а истото се случило, според неа, во 2002 година.

- Предизвиците постојат, меѓутоа лидерите можат да се состанат и да донесат поинаква одлука, затоа всушност и се одржуваат самитите на НАТО. Можност постои и она што е важно е таа можност да  не се пропушти. Сите треба да работиме на тоа за да дојдеме до крајната цел, порача Сели Пеинтер.

Министерот за одбрана Јолевски по предавањето истакна дека Пеинтер ги охрабрила да продолжат со напорите Македонија да добие покана за членство во НАТО.

На новинарско прашање дали има нови моменти во однос на разговорите за името, Јолевски нагласи дека Република Македонија останува посветена на процесот на преговори под покровителство на ОН.

- Целосно сме определени да продолжиме со тој процес. Бараме да се интензивира со цел да се  најде заедничко прифатливо решение коешто ќе го заштити идентитетот и интегритетот на нашите граѓани, рече Јолевски.

Во рамки на својата кариера,  Пеинтер работела на високи позиции во Владата на САД и во големи приватни корпорации. Таа има искуство работејќи во регионот на Централна Европа, во областа на одбраната и безбедноста, а особено во претставувањето на дел од земјите во нивната намера за членство во НАТО и Европската унија.

Пеинтер работела и на многу важниот закон во САД за ослободување на визниот режим со седум земји од регионот. Раководела и голем број проекти, а била и на позицијата виш советник за повеќе глобални НАТО-самити како Самитот во Вашингтон (1999), во Прага (2002), Истанбул (2004) и Рига (2006).

На оваа функција таа има работено директно со лидерството во соодветната земја, со генералните директори на глобални корпорации, со американскиот Конгрес, со НАТО, но и со администрациите на претседателите Буш и Клинтон. Пеинтер е и член на Бордот на американскиот комитет за НАТО. 

МИА

15.07.2014 - 16:36
Фото: 
денешен.мк
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега