Груевски оствари средба со потпретседателот на ЕБОР

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска оствари средба со потпретседателот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР),  Фил Бенет, и со регионалниот директор на ЕБОР за Југоисточна Европа, Клаудио Виезиоли.     

Соговорниците  позитивно ја оценија досегашната соработка помеѓу двете страни и истакнаа заложба и посветеност за продолжување на реализацијата на заеднички проекти акцентирајќи ја областа на реализација на инфраструктурни проекти.          

Премиерот Груевски информираше за економските политики кои ги спроведува Владата, особено потенцирајќи ги заложбите за отворање на нови работни места, привлекување на странски капитал и отворање на нови капацитети во нашата земја, како и реализацијата на капиталните инвестициски проекти.          

Претставниците на ЕБОР дадоа позитивна оценка за обемот и квалитетот на реализација на капитални инвестиции кои ги реализира Владата, посочувајќи дека со тие инвестиции се овозможуваат услови за поефективно надминување на последиците од глобалните економски предизвици и се создаваат услови за економски раст и развој. Тие дадоа и позитивна оценка за деловната и инвестициска клима во нашата земја, оценувајќи ја за компетентна и меѓународно конкурентна.          

Стана збор и за можноста за искористување на поволни финансиски инструменти кои во идниот период би биле пласирани од страна на ЕБОР, со приоритетна намена за нивно користење од страна на малите и средни претпријатија во Република Македонија. За подобро запознавање со целокупната материја беше посочено дека претставници на ЕБОР во текот на следната недела ќе извршат презентација на можностите и условите во врска со овие финансиски инструменти пред претставници на домашните македонски компании.          

Соговорниците разговараа и за поголемо промовирање на можностите кои ги нуди воспоставувањето на моделот на јавно-приватно партнерство, особено во делот на инфраструктурата, како опција за ефикасна алокација на ресурсите и задоволување на потребите и на јавниот интерес.

15.07.2014 - 18:41
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега