Македонија наскоро добива национален авиопревозник

По долги години пауза, Македонија добива национален авиопревозник. Ваква одлука донесе Владата на синоќешната седница.

„Кога Република Македонија има модерни аеродроми, кога минатата година се постигна бројот од милион превезени патници, одлучивме да започнеме процедура пред се да го испитаме интересот на меѓународните светски познати компании да воспостават база во Македонија“, рече во интервју за првиот Дневник на МРТ, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Во соработка со консултант кој ќе ја води оваа постапка, прв чекор ќе биде истражувањето на пазарот и испитување на интересот на светски познатите компании да воспостават база во Македонија.

„Потребно е заедно со Владата да ги ставиме на хартија сите оние услови кои може Владата да ги понуди, како на пример субвенционирање. Кога оваа анализа ќе биде целосно направена, предвидено е да се направат неколку роуд шоуа, каде тој пакет ќе може да им се понуди на светски познатите авиокомпании“, објаснува во интервјуто за МРТ министерот Јанакиески. 

15.07.2014 - 20:04
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа