Канческа-Милевска: Македонската филхармонија репрезент на музичката уметност

Македонската филхармонија е најдостоен репрезент на македонската музичка уметност и во изминатите седум децении даде исклучителен придонес во афирмацијата на македонскиот креативен потенцијал,  како и на современото македонско музичко творештво на меѓународен план.

Ова вечерва го истакна министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска на промоцијата на ново ЦД по повод 70 годишниот јубилеј на Македонската филхармонија.

- Седумдесет години континуиран растеж, изведба на повеќе од 400 симфониски дела од домашни, но и странски композитори, соработка со најзначајните имиња на денешницата, впечатливи настапи низ целиот свет - тоа се референците со кои се гордееме сите ние, се гордее македонската држава, рече Канческа-Милевска, додавајќи дека сите успеси на Македонската филхармонија се резултат на залагањата на стотиците врвни уметници.

Таа најави дека како и досега, така и во иднина, како Министерство ќе настојуваат соодветно да ги вреднуваат достигнувањата на сите музички уметници.

- Убедена сум дека новата сала за Македонската филхармонија, вашиот нов дом кој со години го посакувавте, наскоро  ќе биде уште еден поттик повеќе, да ја продолжите својата мисија, да ја промовирате македонската култура и уметност и да освоите уште многу нови музички предизвици, нагласи Канческа - Милевска.

За новото аудио издание  што вечерва се промовира, министерката Канческа-Милевска рече дека е можеби најубавата најава за новата концертна сезона на овој национален оркестар.

- Оваа јубилејна година но, и сите други понатаму, во новата сала на Македонската филхармонија, нека бидат повод да се гордееме со успесите на Македонската филхармонија, да се гордееме со нашите вистински вредности, подвлече министерката Канческа-Милевска.

Македонската филхармонија во рамки на одбележувањето на 70-годишниот јубилеј вечерва промовираше аудио издание на кое е поместен избор од повеќе концертни настапи.

15.07.2014 - 20:33
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа