Грчева и Буралиева се вклучуваат во работата на Собранието - уште неколку пратеници на СДСМ се враќаат во Парламентот

Членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска на седница го поздравија вклучувањето на пратеничките од СДСМ Солза Грчева и Љубица Буралиева во работата на парламентарните тела.

Според нив, ваквиот чекор треба да го следат и останатите колеги од опозицијата зашто единствен начiн за решавање на проблемите и спроведување на реформите е токму преку дејствување и дебата во Собранието.

- Грчева и Буралуиева се враќаат во работата на собраниските тела. Сакам да го поздравам овој гест со кој двете пратенички покажуваат политичка зрелост и натпартиско чувство, ставајќи ги државните интереси пред личните и на партијата, рече Лилјана Затуроска.

Со ова, додаде, се испраќа јасна порака до меѓународната заедница дека и во редовите на опозицијата постојат совесни политичари кои знаат дека Собранието е местото каде треба да се развива парламентарната демократија.

- Македонската опозиција да изнајде сили за враќање во Парламентот. Не само што и е тука местото, туку и треба на демократијата воопшто, за расправа, за соочување со актуелната и ситуациите што претстојат, истакна Џевад Адеми.

Љупчо Димовски од Социјалистичка партија оцени дека враќањето на Грчева и Буралиева во собраниските тела е крупен исчекор за опозицијата што го потврдува чувството за парламентарна дeмократија.

По кусата расправа, Комисијата едногласно ги усвои предлог измените и дополнувањата на одлуките за избор на претседатели на комисиите на Собранието, нивните заменици, членовите и замениците членови со што пратеничките од СДСМ и официјално се вклучуваат во работата на собраниските тела.

Солза Грчева е член на комисиите за европски прашања и за образование, наука и спорт, како и заменик член во комисиите за надворешна политика и за труд и социјална политика. 

Љубица Буралиева, пак, е член на комисиите за култура и за локална самоуправа, како и заменик член во комисиите за здравство и за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Ако останатите опозициски пратеници одлучат да се вратат во Собранието, исто така ќе имаат можност да бидат членови и заменици членови во по две собраниски комисии, согласно нивните афинитети и оценки – каде би можеле да дадат најголем придонес.

Партиски извори велат дека уште неколку пратеници на СДСМ до крајот на летото ќе се вратат во Собранието. Нивните имиња не се соопштуваат поради силниот притисок од матичната партија. 

17.07.2014 - 12:42
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега