АХВ: Максимални контроли при узвозот на српско млеко

Одлуката од 14 јули годинава со која Србија го зголеми максимално дозволеното ниво на афлатоксин М1 во млекото, од 0,05 на 0,25 микрограми на литар, важи и се применува исклучиво на нејзината територија.

Во Македонија, како што соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), се применува Правилникот за општите барања за безбедност на храната со кој максимално дозволеното ниво на афлатоксин М1 во млекото изнесува 0,05 микрограми. Правилникот е усогласен со европските стандарди кои се едни од најригорозните кога е безбедноста на храната во прашање и кои гарантираат високо ниво на заштита на потрошувачите.

На сила останува и примената на засилените мерки за контрола на увозот на млеко од соседна Србија и од земјите од регионот со задолжително земање мостра и лабораториско испитување на присуство на афлатоксин на секоја пратка.

- Ваквата мерка е гаранција дека ниту една пратка со млеко и производи од млеко со потекло од соседна Србија или од неколкуте земји од регионов не може да се најде на македонскиот пазар доколку со задолжителните лабораториски испитувања не се потврди дека е безбедна, односно дека ги исполнува одредбите од Правилникот со кој се дефинираат максимално дозволените концентрации на афлатоксин во млекото, наведува Агенцијата за храна и ветеринарство.

17.07.2014 - 16:25
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега