Потпишан Протокол кон ССА Македонија - ЕУ заради влезот на Хрватска

 

Амбасадорот на Република Македонија при Европската унија, Андреј Лепавцов, денеска во име на државата во Европскиот совет во Брисел го потпиша Протоколот кон Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) со кој се зема во предвид пристапувањето на Хрватска во Унијата, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Според ЕУ, беспрекорното спроведување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација од страна на Република Македонија во изминатите 10 години од нејзиното стапување на сила, претставува еден од приоритетите на надворешната и трговска политика на нашата држава.

Покрај Лепавцов, во име на ЕУ Протоколот го потпишаа директорката во Директоратот за проширување при Европската комисија, Александра Кас Грање и амбасадорот на Италија во Унијата, Стефано Санино, во име на италијанското претседателство со ЕУ.

Со потпишувањето на овој Протокол, се оценува дека се дава дополнителен импулс на македонските земјоделски производители за понатамошно зголемување на производството и можност за поголем иден пласман на македонските производи во ЕУ со отворање и на хрватскиот пазар.

- Денешното потпишување на овој договор има некаква симболика оти првпат го потпишавме во Загреб во 2001 година, а стапи на сила пред 10 години, па сега потпишуваме Протокол со Хрватска со која отсекогаш сме имале добри односи. Сакам да потсетам дека првото потпишување на овој договор во 2001 година беше во едно тешко време за Македонија оти тогаш во земјата имаше конфликт. Затоа, сега по повеќе од 10 години може да се каже дека Македонија има многу напредувано во реформите што ги правиме во соработка со Европската комисија, која постојано не потсетува на тоа, за што сме благодарни и е признание за нашите напори во овој дел, истакна македонскиот амбасадор во Унијата.

Лепавцов, исто така, додаде дека денешното потпишување е важно оти потсетува дека целата корист од Договорот за асоцијација со Европската унија Македонија ја има за индустријата, трговијата со храна и земјоделството.

- Со отворањето на пазарот на ЕУ-земјите и пристапот до заедничкиот пазар, македонските компании ги зголемија своите продуктивни стандарди и тоа значи дека ова се конкретни придобивки за нашите произведувачи што е многу важно, а и политичкиот ќар е важен и затоа со големо задоволство го потпишуваме овој Протокол, додаде амбасадорот Лепавцов.

Шефот на италијанската мисија при Унијата, Санино, рече дека иако сето ова изгледа повеќе како техничка работа околу потпишувањето, сепак, Хрватска минала долг пат до приклучувањето на ЕУ и дека тој е убеден дека и Македонија ќе го следи овој пат.

Според екс-директорот на Директоратот за проширување на ЕУ, поминато е долго време откако Македонија ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) и дека потребна е трпеливост и за нов напредок во евроинтеграциите.

- Мислам дека процесот на проширување покажува дека ако работиш резултатите доаѓаат. Ја охрабрувам вашата земја да продолжи на интеграцискиот пат во ЕУ и ние ќе можеме наскоро да почнеме пристапни преговори и за Македонија да ни се приклучи во Унијата, порача Санино.

Александра Кас Грање од Директоратот за проширување, пак, рече дека потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Македонија била толку стара, што за да се потпише денешниот Протокол морало да се корегираат некои работи.

МИА

Според неа, ова е резултат на многу работа и дека истото ја покажува традиционалната трговија меѓу Македонија и Хрватска, а сега трансферирано во ЕУ, бидејќи Хрватска се приклучи на големото европско семејство, па сега ЕУ ја приклучува и кон трговските односи на Унијата со нашата земја.

- Ова е резултат на многу напорна работа на сите страни и е признание и за работата на Европската комисија, но и на постојаните мисии на двете земји, истакна Кас Грање.

Спогодбата за  стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и ЕУ е потпишана во 2001 година, а стапи на сила во 2004 година. По десет години, Македонија е се уште во првата фаза од ССА поради противењето на Грција да пристапиме во втората фаза, иако тој процес е повеќе од корист за земјите-членки на ЕУ, ако се знае дека со сегашниот статус, Македонија има отворен пазар за пласман на своите производи на територијата на Унијата.

18.07.2014 - 18:33
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега