За едно деноноќие се запалија куќа и зграда во Крива Паланка

 

 

Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка интервенирала по две дојави изминатото деноноќие. Првата дојава била за запалена семејна куќа во селото Костур, а втората за запалени отпадни материјали во станбена зграда на главната улица. Ова се првите две интервенции за месец Јули.

- Првиот пожар е пријавен околу 3 часот изутрината, на 20 јули, од дежурниот полициски службеник во Полициската станица од Крива Паланка, каде била примена дојавата. Поради дефект на ладилник во куќа во селото Костур настанал краток спој и пожар во кујната, каде се опожарени повеќе електрични апарати. Настаната е поголема материјална штета, но пожарот не се проширил во другите простории, изјави командирот на Територијалната противпожарна едница од Крива Паланка, Иле Коцевски, за МИА.

Екипите на Територијалната противпожарна единица ги преземале сите превентивни мерки за отстранување на скриените жаришта, додаде Коцевски.

Вториот пожар избувнал во скривница на колективна станбена зграда во комплекс на главната улица, но нема никаква материјална штета.

- На 20 јули околу 20 часот две екипи на ТППЕ интервенираа во скривницата на зградата каде била запалена отпадна маса, вреќа со лушпи од ореви, собирани за горење во зимниот период. Опожарени се и пластични предмети од просторијата. Пожарот предизвикал голем чад што било доволно да ги алармира станарите, рече Коцевски. Додаде дека просторијата била празна и оти нема настанато материјална штета, а интервенцијата е завршена за еден час, пренесува МИА

Коцевски напомена дека бројот на пожари во првите шест месеци од годинава е незначително помал во однос на истиот период лани. Оваа година Територијалната противпожарна единица интервенирала 19 пати за разлика од лани кога имале 21 интервенција на територијата на општина Крива Паланка.

 

21.07.2014 - 13:58
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега