Европската банка за обнова и развој со нова стратегија за Македонија

Европската банка за обнова и развој усвои нова стратегија за Македонија која ги поставува приоритетите на Банката за земјата. Стратегијата има за цел поддршка на интеграцијата на Македонија во регионалните и глобалните пазари преку вложувањата на ЕБОР и други активности, особено  интензивирана соработка со клучните партнери како што се Европската унија и Европската инвестициона банка.

Стратегијата го опфаќа периодот 2013-2016 година, а како приоритети ги дефинира привлекувањето странски инвестиции, локалниот економски развој, енергетска ефикасност и одржливост и регионалната интеграција. 

 

 

Македонската економија, оценуваат, е помалку погоденa од глобалната економска и финансиска криза од многу земји во регионот. Сепак, влијанието на кризата во еврозоната беше почувствуван доста силно во 2012 година. Економскиот раст беше погоден од послабата побарувачка за извоз, особено од еврозоната, пониските странски директни инвестиции и домашната побарувачка. Сепак, Владата и централната банка успешно ја одржуваа макроекономската стабилност во изминатите неколку години.

 

 

Економскиот раст во 2013 година се очекува да биде околу 2 проценти. Во слeдните години растот би можел да достигне 3-4 проценти, што ќе зависи од подобрувањето на глобалните услови и спроведувањето на структурните реформи во земјата. Република Македонија има направено значителен напредок во транзицијата во изминатите две децении, но сепак се соочува со значителни предизвици, за чие надминување, како што се вели, ЕБОР е подготвена да помогне.

 

Банката, според новата стратегија, ќе продолжи да помога за привлекување и поддршка на странски инвестиции.

 

 

Во врска со регионалната интеграција, Банката тесно ќе соработува со властите, други меѓународни финансиски институции и инвеститори од приватниот сектор за да помогне за подобрување на транспортните мрежи, за олеснување и поголема прекугранична трговија и инвестиции. Поврзувањето со регионалниот енергетски пазар исто така е еден од приоритетите.

 

најчитано сега