Банките го одврзуваат ќесето - стопанството закрепнува

Кредитирањето расте, стопанството закрепнува. Зголеменото кредитирање треба да ја динамизира економската активност. Заклучно со мај, кредитите забележуваат раст од 7,6%, што е повеќе од априлските проекции на Народната банка од 7,3%, пишува Лидер.

- „Податоците за кредитниот пазар за мај 2014-та покажуваат значително забрзување на кредитните текови, во поголем дел насочено кон корпоративниот сектор. Кредитните текови се нешто подобри од очекуваното во рамки на последните проекции. Од друга страна, динамиката на раст на депозитната база е умерена и нешто послаба од очекувањата. Однесувањето на банките на кредитниот пазар сигнализира постепено подобрување на очекувањата на банките и нивните оценки за ризичниот профил на кредитната побарувачка. Воедно, овие движења укажуваат и на преносниот ефект од досегашното монетарно олабавување врз кредитната активност. Сепак, во услови на неизвесен амбиент, и натаму се присутни надолни ризици околу кредитирањето на приватниот сектор, поради што е потребно време за да се оцени постојаноста на позитивните придвижувања на кредитниот пазар“ – ова е заклучокот од последната редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ.

Лидер пишува дека растот на БДП од 3,9 проценти во првиот квартал од годинава, проследено со позитива во градежништвото од 13,7%, и контунираниот раст на индустриското производство од стартот на годината се економски показатели кои укажуваат дека кризата е зад нас.

Сепак, ризиците се присутни. Трендот на пораст на нефункционалните кредити продолжи и годинава. Заклучно со мај, нивото на спорни побарувања достигна речиси 460 милиони евра, 27,4 милиони повеќе од април.  За да одврзат ќесето, банките мораат да бидат сигурни дека проектите за кои се бара пари се профитабилни и исплатливи.

Повеќе на ЛИДЕР.

23.07.2014 - 09:54
Фото: 
економски
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега