Македонија во категорија земји со висок човеков развој

Македонија во континуитет и оваа година напредува според индексот на човековиот развој, се посочува во најновиот Глобален извештај за човековиот развој за 2014 на Програмата за развој на Обединетите нации. Земјата е рангирана како 84-та од 187 земји. Во регионот,  според Индексот за човековиот развој за 2014, Словенија е на 25 место, Грција на 29, Хрватска на 47, Црна Гора на 51, Србија на 77, Босна и Херцеговина на 86 и Албанија на 95.

- Граѓаните во Македонија можат да очекуваат дека ќе живеат 6,6 години подолго отколку во 1980 и дека ќе поминат 2,7 години повеќе во школо отколку што тоа би бил случај во 1990-те. Исто така, БНД (Бруто национален доход) по глава на жител, е зголемен за скоро 17% од 1990, се наведува во Извештајот.

Како земји лидери во 2014 во светот документот  ги посочува Норвешка, Австралија, Швајцарија, Холандија и САД, додека од друга страна, земјите кои што забележаа најнизок степен на човеков развој се Сиера Леоне, Чад, Централната Афричка Република и Конго.

Глобалниот извештај за човековиот развој констатира дека и покрај тоа што на глобално ниво човековиот развој бележи раст, сепак тој е значително успорен. Предупредува дека 2,2 милијарди луѓе се сиромашни или се на работ на сиромаштија. Воедно повикува на универзално обезбедување на основни социјални услуги и поодлучни политики за социјална заштита и вработување за сите за да се поттикне и задржи остварениот развој.

24.07.2014 - 12:48
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега