Творештвото на Раде Силјан во најновиот број на „Сум“

 

Вистинските поети, се чини, се оние што и остануваат, од почетокот до крајот, верни на поетската вокација. Такви биле во светските поезии Неруда, Монтале, Гилвик... такви ќе истраат во македонското пеење Шопов, Матевски, Ренџов... Раде Силјан, од својата генерација е секако еден од нив.

Ова е дел од освртот на академик Луан Старова од 2007 година посветен на творештвото на Силјан, еден од најзначајните домашни поети, критичари, теоретичари, антологичари. Последното издание на списанието за книжевност и култура „Сум“ кое излезе од печат деновиве е специјално мини-монографско издание кое е во целост посветено на творештвото и дејноста на овој поет.

На повеќе од 180 страници во списанието се собрани извадоци од целокупното петдецениско творештво на авторот, осврти од бројни домашни и странски академици, книжевници и теоретичари, а е збогатено и со фотографии.

Раде Силјан е роден на 16 април 1950 година во Жван, Демирхисарско. Завршил Филолошки факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.  Во моментот е директор на книгоиздателството „Матица македонска“ во Скопје, чиј основач е. Бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија во два мандата (2008-2010, и 2010-2014 година), а сега ја извршува функцијата претседател на Собранието на ДПМ. 

Автор е на над дваесетина поетски книги, и на бројни антологии, критики, есеи и прилози за македонката книжевност. За своето творештво има освоено бројни награди во земјава и во странство, меѓу кои и државната награда за животно дело „11 Октомври“, „Михаил Еминеску“ во Романија, „Геза Гардоњи“ во Унгарија, и други. 

24.07.2014 - 15:46
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега