Забава и рекреација - почна петтиот Меѓународен турнир во одбојка на песок „Скопје 2014“

Вчера вечер на двете игралишта на градската плажа „Парк“ официјално стартуваше петтиот Меѓународен турнир во одбојка на песок „Скопје 2014“. Турнирот го отвори градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

- Почнувајќи од денеска па во наредните три дена, сите ние ќе се дружиме и на спортски план, овде на градската плажа „Парк“, на игралиштата на песок, по петти пат ќе бидеме дел од Меѓународниот турнир во одбојка на песок „Скопје 2014“, рече Трајановски.

Тој посочи дека турнирот со својот квалитет и одлична организација, станува дел од животот во Скопје во жешките јулски вечери.

- Станува дел од нашата традиција и дел од имиџот на нашиот град, а како потврда за тоа секако е нашиот план, идната година, за првпат да организираме Челенџ турнир во календарот на Европската одбојкарска федерација, реализиран според сите европски и светски стандарди, со што Скопје уште еднаш ќе го потврди своето место на Европската спортска мапа на градови домаќини на големи спортски случувања, истакна скопскиот градоначалник.

Трајановски на учесниците им посака спортска среќа, фер-плеј натпревари и добри резултати, но и незаборавен престој, добра дружба и забава во градот на спортот и на солидарноста – Скопје.

Учество на турнирот пријавија седумнаесет двојки во машка и десет двојки во женска конкуренција, меѓу кои од Албанија, Србија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Хрватска и Македонија.

Вкупниот награден фонд изнесува 5.000 евра, по 2,5 илјади евра за двете конкуренции.

Во Скопје пристигнаа и минатогодишните победнички на овој турнир од Република Бугарија, одбојкарската двојка Светла Ангелова и Асја Динова коишто го одиграа првиот меч во женска конкуренција веднаш по официјалното отворање, а противнички во овој дуел им беа одбојкарките од Албанија, Вилдане Јашари и Назмие Ибраими. Во машка конкуренција првиот натпревар се одигра помеѓу одбојкарите од соседна Србија, Милан Киковиќ и Стефан  Баста и одбојкарската машка двојка од соседна Бугарија, Тома Станков и Силвестер Иванов.

Град Скопје е генерален покровител на настанот и преку Програмата за спорт Град Скопје од Буџетот издвојува 400.000 денари, а турнирот е во организација и реализација на Одбојкарската федерација на Македонија.

26.07.2014 - 12:05
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега