Беџети: Македонија има ефикасен систем на извршување

Во Република Македонија постои ефикасен систем на извршување. Околу 58 проценти од извршните предмети се завршени во период од три месеци по поднесувањето на барањето за извршување, истакна министерот за правда Блерим Беџети на денешниот семинар за извршители што се одржува во Драч.

Обраќајќи се пред присутните, Беџети рече дека процентот на реализација е зголемен во однос на реализацијата на извршување од страна на судовите, а времетраењето на спроведување на извршувањето е повеќекратно намалено.

 

Тој рече дека од досегашната примена на Законот за извршување може да се констатира дека системот на извршување на извршните исправи, кој е воспоставен со Законот за извршување, добро функционира и дава позитивни резултати.

 

- Имајќи ги предвид постигнатите резултати од шестгодишната работа на извршителите, произлегува заклучокот дека тоа е период во кој извршителите со својот професионализам и својата компетентност, успеаја да докажат дека се во состојба да ги заштитат интересите на граѓаните и правните лица, применувајќи ги законските норми, што секако претставува гаранција на правната сигурност на граѓаните истакна Беџети.

 

Тој информира дека од иницијалните 41 извршител кои во 2006 година започнале со примена на новиот систем на извршување, во моментот во Македонија именувани се 97 извршители. Во канцелариите на извршителите во Република Македонија, вработени се 400 лица, што е за 61 лице повеќе од претходната година.

 

Министерството за правда, рече Беџети, не само што врши надзор над работењето на извршителите, туку и постојано соработува со Комората на извршители во правец на разрешување на проблеми со кои се соочуваат извршителите во примената на Законот за извршување.

 

Во рамки на семинарот денеска коморите на извршители на Македонија и Албанија  потпишаа Меморандум  за соработка со кој се продлабочува соработката меѓу двете држави во областа на извршувањето. На потпишувањето присуствуваа министрите за правда на двете држави, Блерим Беџети и Едуард Халими.

- Потпишувањето на меморандумот сведочи за соработката која ја имаме како две министерства и како регионална власт. Ова е уште една иницијатива за меѓуресорска соработка на Македонија и Албанија. Тука сме за да ги поддржуваме двете комори на извршители во нивното ангажирање и професионалното работење. Извршувањето е една добра можност која ја олеснува постапката меѓу судовите и граѓаните. Со овој меморандум ќе се разменуваат искуствата  меѓу  двете земји, рече Беџети.

ФОТО: А1.он

најчитано сега