Три лица, од кои еден полицаец осомничени за транспорт на лажни азиланти

СВР Струмица до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против лицата Ј.М. (46), А.А. (33) од Струмица и И.М. (56) од Богданци, полициски службеник при ГП „Дојран“, за организирање и транспорт на лажни азиланти од земјава во ЕУ, односно помагање при нивен излез од државата без да побара докази за патувањето од лицата кои се транспортирале како азиланти.

Како што соопшти МВР, тие се сомничат дека ги сториле кривичните дела „злоупотреба на безвизниот режим со државите членки на ЕУ и на Шенгенскиот договор“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „соизвршителство“.

Прво и второпријавениот во текот на минатата година со цел да се стекнат со противправна имотна корист врбувале, поттикнувале, организирале и превезувале лица, државјани на Р.Македонија, во државите од ЕУ и Шенгенскиот договор, со цел лицата да се стекнат со економски и социјални права што е спротивно на правото на ЕУ, на прописите на Унијата, Шенгенскиот договор и на меѓународното право.

Пријавените организирањето и транспортот го вршеле на лица од повеќе населени места од општините Струмица, Виница и Радовиш при што им ветувале дека ќе добијат статус на азиланти во соодветната држава на ЕУ за што им наплатувале одредена сума пари, најчесто од 200-300 евра од член на семејство. Превезувањето го вршеле организирано, лицата кои што се транспортирале од местото на тргнување се до преминувањето на границата на граничните премини биле префрлувани во повеќе возила и притоа најчесто биле ангажирани други лица нивни помагатели со нивните возила да ги пренесат лицата преку границата. Во одредени случаи транспортирањето на лицата преку границата го вршеле и тие лично со своите возила.

Од страна на пријавените најчесто се користени возила „Форд Транзит“ и „Форд Галакси“, двете со струмички регистарски таблички, со кои лицата ги транспортирале до Германија.

Третопријавениот И.М. како полициски службеник за пасошка контрола на ГП „Дојран“ во содејство со Ј.М. и А.А., а со цел да се стекне со противправна имотна корист ја злоупотребил својата службена должност и кога бил на смена како полицаец за пасошка контрола на ГП „Дојран“ на излез од Р. Македонија без да побара доволно докази од лицата кои се транспортираат како баратели на азил, ги пропуштил да ја преминат државната граница и притоа освен првопријавените како возачи на возилата не ги евидентирал сите лица кои биле во возилата, а исто така во одредени случаеви не ги евидентирал ниту пријавените кога ја преминувале границата на излез од Р.Македонија.

Пријавените се лишени од слобода, задржани и спроведени пред судија во претходна постапка при Основен суд 1 – Скопје и на тројцата пријавени им е одредена мерка притвор во траење од по 30 дена.

27.07.2014 - 13:32
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега