Груевски: Туризмот во Македонија е со голем потенцијал за раст

Претседателот на Владата Никола Груевски, денеска се сретна со генералниот секретар на Светската туристичка организација, Талеб Рифаи, со кого разменија мислења околу стратегијата на државата за развивање на туризмот, предлог мерки и активности кои се реализираат за стимулација и негово промовирање и јакнење на капацитетите на тој план.

Премиерот Груевски посочи дека оваа посета е добра можност за споделување на најдобрите светски искуства, но и можност да се истакне дека туризмот во Македонија е гранка со голем потенцијал за раст, се наведува во соооштението од неговиот Кабинет.  Владата, истакна премиерот, посветува особено внимание на неговиот развој и на промоција на Република Македонија како атрактивна туристичка дестинација во Европа, за што е формирано и посебно владино тело Комитет за туризам чија задача е токму унапредување на оваа дејност.

- Бројните мерки кои се преземаа на тој план придонесоа туризмот во Република Македонија да е еден од  брзо растечките сектори во Македонија, истакна Груевски. На тоа поле, додаде тој, се преземаат повеќе мерки и инвестиции, како што се намалување на стапката на ДДВ од 18% на 5% за туристичките услуги, субвенционирање на организиран странски туристички промет и субвенционирање на нискобуџетни летови до повеќе дестинации во Европа, развивање на концепт за туристички развојни зони, реализирани се бројни проекти за подобрување на туристичката инфраструктура преку изградба и реконструкција на патишта, плажи, скијачки терени и друго.

Генералниот секретар на Светската туристичка организација Рифаи ги поздрави напорите и мерките кои ги презема Владата, како и особеното внимание кое го посветува за унапредување на туризмот. Тој посочи дека Светската туристичка организација стои на располагање за соработка и развој на потенцијалите во сферата на туризмот, стои во соопштението.

29.07.2014 - 16:37
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега