Зошто Охрид е празен: Сите изговори на охриѓани!

Пред точно 7 дена напишав текс за промашената туристичка сезона во Охрид и како за истата охриѓани ги обвинуваат скопјани. Се надевав дека жителите на најголемиот туристички центар во Македонија ќе ја прифатат критиката и ќе превземат одговорност, иако реално искуството ми налагаше дека наместо тоа охриѓани уште пожестоко ќе се свртат против Скопје. Тоа и се случи.

Цела Македонија застана на страна на тезата за која пишував, освен оние кои највеќе ги засега туристичкиот дебакал. Тие повторно си најдоа оправдување на друго место, се скрија зад изговорите, нападнаа… Однесување типично за 5 годишно размазено дете. Дете кое ќе направи се, ќе лаже, ќе обвини секого за својата грешка, само за да скрие поразот. Детето не знае дека скриен или не, поразот е присутен и некој ќе ја плати цената. Се надевав дека охриѓани знаат, но уште еднаш, надежта и реалноста се разминаа.

Во коментарите кои доаѓаат од Охрид има неколку оправдуња за промашената туристичка сезона кои се повторуваат, па ќе се задржам малку на нив.

1.Визната либерализација е проблемот.

Колку и да звучи ова како валиден аргумент, не е. 70% од македонските турисити оваа и ланската сезона годишниот одмор го поминале во Грција. Туристичката виза за во Грција оддамна не е проблем за Македонците, што значи дека либерализацијата не смени многу, или поточно смени точно 20 евра, сума која не менува многу во буџетот кој секој од нас го има за летово.

Имаше дури и коментари во кои Охриѓани посакаа на Македонците да им биде укината можноста да патуваат без визи во странство, па да мораме да одиме во Охрид. Е тоа е веќе права туристичка стратегија. Наместо отворен натпревар со другите туристички центри во регионот или низ Европа, охриѓани сакаат монопол над македонските туристи.

2.Цените во Охрид се контролирани од Скопјани!

Значи 10-те скопски кафичи во Охрид ги одредуваат цените? Еве и да се обидам да ја прифатам таа приказна како реалност, као тоа влијае на цените на приватното сместување? Или скопјани кои имаат свои станови во Охрид, некако магично успеваат да им наложат на охриѓани да не издаваат кревет под 600 денари? Зарем скопјани ги тераат жителите во Трпеица да наплаќаат паркинг на улица под закана дека доколку туристите не се сложат на тоа ќе им викнат пајак (лично искуство)? Скопјани ли наплаќаат влез во црква во Охрид? Или цените на продуктите на пазар….. Листата е многу подолга, но поентата е истата.

3.Во Скопје е поскапо!

И? Што ако е поскапо во Скопје? Скопје не живее од туризам и не ви е конкуренција! Грција, Албанија, Црна Гора, Бугарија, Турција, Хрватска….тоа е конкуренцијата!

4.Државата не вложила ништо во Охрид со години.

Неколку нови плоштади, средни плажи, Самоиловата тврдина, Залив на коските…. Ова се само неколку инвестиции кои сега ми текнаа, верувам дека има повеќе. Значи инвестиции има, не колку во Скопје, но уште еднаш Скопје не ви е конкуренција!!!

Доволно се задржав на изговорите, смешни се, детски и тотално небитни. Охриѓани не сакаат да ја видат реалноста, за која пишувава пред 7 дена. Успехот при пазарна економија зависи од цената формирана од односот на понудата и побарувачката. Кога побарувачката е многу пониска од понудата, цената МОРА да падне!!!! Барем во прв момент, а потоа да се бараат причините за намалената побарувачка и истите да се решат. Се друго е само изговор, само подржување на неуспехот и мотивација за задржување на истиот, погрешен правец.

Изборот е едноставен, ќе бидете вистински домќини на најголемиот туристички центар во Македонија или плачковци кои го мразат Скопје и сите кои не им се допаѓаат цените во Охрид, па ќе се обидете да не навредите и омаловажите со цел да го скриете вашиот неуспех, како Ило.С.

Текстот на авторот Пацифист е превземен од порталот ЗаСе.

29.07.2014 - 23:56
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега