Претставени новите засилувања на ЖРК Вардар

Женскиот ракометен шампион на Македонија ЖРК Вардар на денешната прес- конференција ги претстави новите ракометарки за претстојната сезона.

Претседелот на клубот Гордана Нацева истакна дека станува збор за пет ракометарки кои се репрезентативки на своите држави. Дел од „црвено-црниот“ состав ќе бидат: Андреа Пенезиќ (Хрватска), Барбара Лазовиќ (Словенија), Ања Алтхаус (Германија), Алена Ихнева и Олга Черноиваненко (Русија).

- Учество на завршницата во Лигата на шампионите и атак на самиот врв ќе биде цел во новата сезона особено што сега со новите засилувања сме „покриени“ на сите позиции, истакна Нацева.

Петте ракометарки изминативе денови одржаа неколку тренинзи и се запознаа со новите „колешки“ и сите истакнаа дека пристигнале во клуб каде има одлична атмосфера, дека добро се чуствуваат во Скопје и ќе дадат се од себе клубот да бележи добри резултати.

- Ова ќе биде една поинаква сезона од ланската. Противниците сега ќе не гледаат поинаку и заради нашиот лански резултат и засилувањата кои ги имаме. Наша цел е во Европа да бидеме на врвот, без скромност целта ни е пласман на „фајнл фор“ турнирот и не смее да има опуштање, рече Тренерот на ЖРК Вардар, Индира Кастартовиќ.

„Вардарки“ до 5.август ќе тренираат во Скопје, а потоа заминуваат на подготовки во Австрија, а од 22 до 24. август ќе учествуваат на турнир каде домаќин е европскиот шампион, унгарски Ѓер.

01.08.2014 - 13:24
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега