Регионален Сертификат за поволно деловно опкружување за Велес и Струмица

Велес и Струмица се првите општини од Република Македонија што ќе добијат регионален Сертификат за општини со поволна деловна клима. 

- Благодарение на нашите партнери – ЗЕЛС и Сојузот на стопански комори, од Македонија во овој процес се вклучија четири општини и тоа Велес, Штип, Струмица и Струга. Тие општини покажаа најмногу интерес и иницијатива за процесот и први влегоа во програмата, ја доставија потребната документација и мошне ефикасно ги сработија првите чекори во процесот. Со задоволство можеме да кажеме дека во овој краток период од помалку од година, две општини успеаја да ги исполнат условите и ќе ги добијат првите регионални сертификати на завршната конференција што на 12. овој месец ќе се одржи во Загреб, изјави за МИА Виолета Јовановиќ, извршниот директор на српската Национална алијанса за локален економски развој што го спроведува овој пилот-проект, финансиран од Владата на Сојузна Република Германија.

 

Сертификатот сам по себе не гарантира дека ќе донесе инвестиции, но искуствата од спроведените сертифицирања што на национално ниво претходно се спроведени во Србија покажуваат дека сертифицираните општини имаат голема компаративна предност пред останатите при привлекувањето на потенцијалните инвеститори.

 

Ернст Боде, регионалниот директор за ЈИЕ на германската компанија „Месер техногас“, што има инвестиции во сите четири држави опфатени со проектот, смета дека сертифицирањето секако означува дека тие општини вовеле ред, односно имаат контрола врз работата на својата администрација, што е од голема важност за подобрувањето на климата кога се работи за привлекување странски инвестиции.

 

- Државите во регионот имаат огромен потенцијал кога се работи за подобрување на индустријата, но една од најголемите пречки е токму администрацијата и оттаму е важна оваа сертификација, односно неопходноста да се подигне свеста за потребата да се работи на подобрување на нејзината ефикасност и организираност, истакна Боде. Според неговите проценки, доколку се упростат и подобро организираат процедурите кога се работи за странските инвестиции, нивото на индустриското производство во регионот би можело да биде двојно поголемо.

 

 

- Мое видување е дека десеттина години наназад има најголем напредок. Кога ќе се направи преглед кои се компании влегуваат да инвестираат таму, како „Џонсон контролс“ и останатите, тоа покажува дека е постигнато многу, рече Боде, но оти и во Македонија како и во Србија, БиХ и во Хрватска индустриската активност е далеку под можностите.

ФОТО: Економски

најчитано сега