Ако банкротира туристичката агенција додека сте на одмор, снаоѓајте се сами

Македонските туристи додека се на одмор во странство, секогаш треба при рака да имаат екстра-пари во случај да банкротира туристичката агенција преку која уплатиле аранжман. Во ваква ситуација тие самите ќе мора да се снаоѓаат за да си го платат превозот за назад, како и да ги намират трошоците во хотелот доколку агенцијата навреме не го сторила тоа. На крајот никој не им гарантира дека ќе бидат обесштетени за дополнителните трошоци на кои биле изложени, пишува Дневник.

Осигурување од 100.000 евра

Од Министерството за економија објаснуваат дека секоја туристичка агенција за да добие А-лиценца, мора да склучи годишен договор со осигурителна компанија за осигурување од одговорност од вршење на дејноста во износ од 100.000 евра. Тоа осигурување, објаснуваат надлежните, треба да го покрие обесштетувањето за патниците во вакви и слични ситуации. Сепак, осигурителни агенти објаснуваат дека овој вид осигурување не секогаш е гаранција дека патниците ќе можат да бидат обесштетени при евентуален банкрот на туристичката агенција.

- Многу е важно каков е склучениот договор со агенцијата и што точно опфаќа тоа осигурување. Може да покрива обесштетување на патниците до висина од 100.000 евра, но во договорот треба да е наведено во кои ситуации осигурителната куќа е должна да го уплати. Тие пари може да се исплатат и за еден патник или да се поделат на повеќе, во зависност дали осигурувањето е направено на поединечна сума или таканаречено агрегатно, односно за повеќе лица. Над таа сума останува самата агенција да си ги обесштети паниците или тие преку тужба да си ги бараат парите од неа – објаснуваат осигурителни агенти.

Патничкото осигурување што туристите задолжително треба да го извадат пред да патуваат во странство не покрива вакви ситуации. Овој вид осигурување се однесува само на здравствено осигурување, а за одредена дополнителна сума може да се осигури и багажот од доцнење или губење. Ситуации како што се измамени туристи во странство од страна на агенцијата или оставени на цедило, не може да се покријат со осигурување.

Целосната анализа прочитајте ја во Дневник.

11.08.2014 - 12:13
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега