Активности за квалитет и акредитација на здравствените установи
Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи во соработка со Министерството за здравство формираше внатреболнички, интерни комисии за следење и подобрување на квалитетот на здравствената заштита во здравствените установи, презеде и изработи стандарди заедно со критериумите кои треба да се имплементираат во здравствените установи, а изработи и прашалници кои се дел од стандардите, за задоволство на пациентите и на вработените, кои се испратени во здравствените установи.
Ова се дел од активностите кои се преземаат во рамки на процесот за акредитација односно проценка на квалитетот на здравствена заштита која се пружа во здравствените установи, а кои денеска на средба со новинарите ги презентираше директорката на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи, Елизабета Зисовска.
Агенцијата почна да работи на 27 јуни и во меѓувреме работеле на изработка на внатрешните документи, а обврзани се да изработат Правилник за внатрешна организација, прирачници кои ќе им бидат од помош на здравствените установи. Министерството за здравство направило работна верзија на стандардите кои ги усовршиле во соработка со вработените во здравствените установи во смисла на подобрување и зголемување на можноста за имплементација на тие стандарди. Наскоро на веб страницата на Агенцијата ќе биде објавена верзија број 1 на стандардите. По акредитацијата, информира Зисовска, стандардите повторно ќе претрпат ревизија во однос на нивно подобрување.
Според неа, процесот на акредитација е многу важен, усогласен е со европската и меѓународната пракса од оваа област и има повеќе чекори - првиот е давање на стандардите и нивна имплементација, потоа има интензивни контакти меѓу здравствените установи и Агенцијата, при што ќе им се помогне (во изработка на документи, на пишаните процедури итн.) за подобра и поуспешна имплементација за да им оди полесно и побрзо процесот на акредитација.
Појасни дека пуштено е циркуларно писмо до сите здравствени установи, а во почетокот се опфатени само тие со болничка здравствена заштита, кои треба да си направат список на стандарди кои веќе ги имплементирале, стандарди кои не се соодветни за здравствена установа, да направат список на стандарди кои им е тешко да ги применат или не им се јасни, и список на прашања.
Наесен од Агенцијата ќе почнат контакти со сите болнички здравствени установи во Македонија, ќе одат чекор по чекор за да им се помогне за имплементација на стандардите.
Кога здравствената установа ќе смета дека ги имплементирала стандардите кои се специфични за типот на здравствена заштита која ја пружаат, таа поднесува барање за акредитација и тогаш почнува процесот за акредитација и ќе им достават прашалник за самоевалуација кој е многу сличен со алатката за проценка од надворешни проценувачи со процеост на акредитација.
Според Зисовска, ако постигнат многу висок процент на исполнетост на стандардите, здравствените установи доставуваат барање за надворешна оценка која ја прават независни надворешни оценувачи за кои бил распишан конкурс, направени биле интервјуа, и наскоро ќе биде номинирана првпата група надворешни оценувачи кои ќе поминат обука за надворешна оценка.
Во надворешната оценка, информира таа, се дава предлог мислење на независниот тим оценувачи доставен до Агенцијата во колкав процент мислат дека се исполнети критериумите во една здравствена установа, а тоа не мора секогаш да се совпадне со прашалникот за евалуација. Според тоа, здравствената установа може да добие акредитација на една, три или пет години или може да се каже дека не ги исполнува критериумите ниту за едногодишна акредитација.
Таа здравствена установа нема да биде затворена, туку ќе биде ставена во фокусот за да и се помогне за да ги исполни стандардите, за да се утврди каде има несовпаѓање на нивната самопроценка и на проценката на независниот тим надворешни оценувачи.
Во врска со стандардите кои се минимални, оптимални и стандарди на совршенство или на одличност, Зисовска укажа дека здравствените установи ќе мора сто проценти да ги остварат минималните стандарди. Тоа се посебно стандардите за безбедност на пациентот и без нив се што е под нив е субстандардно. Таа смета дека здравствените установи во најголем дел тоа и го исполнуваат, но сега треба да го имаат во пишана форма и како процедури што ќе биде многу лесно за надворешна оценка.
Оптималните стандарди, појасни, е она што може да се постигне со достапните човечки, технички и просторни капацитети и тие треба да бидат исполнети во најголем дел и од тоа ќе зависи должината на акредитацијата на сертификатот (на една, три или пет години) што ќе го добијат. Информира дека ако здравствена установа добие акредитација на пет години значи дека таа исполнува во најголем процент од оптималните стандарди, дури и нешто над тоа. Оптималните стадарди, според Зисовска, би дале една тригодишна акредитација, тие не се теоретски максимум, тоа е она што може да се постигне, но треба да се тежнее кон стандардите на совршенство кои секоја болница ќе го исполни различно.
Во период кога истекува акредитацијата здравствената установа повторно треба да достави барање за нова акредитација, а во меѓувреме стандардите ќе претрпат ревизија во смисла на нивно подобрување.
На пример, потенцира Зисовска, стапка на интрахоспитални инфекции, ако е прифатлива стапка 0,3 проценти можеби во наредната фаза ќе биде 0,2 проценти, кој иако мал, е огромен процент на подобрување. Друг показател на добра клиничка пракса е стапка на морталитет, морбидитет. Порано било квалитет и стандард да се внесе вода во болничка соба, потоа да се намали бројот на кревети, сега двокреветна соба со тоалет е стандард, а можеби во иднина стандард ќе биде еднокреветна соба со дел за посета на семејството.
Во врска со прашалниците кои се испратени до здравствените установи, појасни дека нивна прва цел им била да бидат унифицирани.
Првиот прашалник, кој е анонимен е за задоволство на пациентите од пружената здравствена заштита кој треба да го пополни пациентот пред да излезе од здравствената установа и да го пушти во сандачето за жалби и поплаки. Прашалникот е лесен за статистичка обработка и во иднина ќе им помогне да ги споредуваат болниците, но и нашите болници со европските здравствените установи, а на менаџерот ќе му послужи кои сегменти му се послаби во пружање здравствена заштита за да се зајакнат. Другиот прашалник кој исто така е анонимен е за задоволството на вработените.
Осврнувајќи се на процесот на акредитација истакна дека доколку приватните здравствени установи имаат добиено акредитација од меѓународно призната установа таа ќе им биде призната, а ако немаат ќе одат по истиот систем на акредитација, кој е задолжителен. Појасни дека станува збор за француски и италијански модел, тоа е префериран модел заради тоа што не останува на добра желба на установата и е усогласен со европската и меѓународната практика.
МИА
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа