Во четврток ќе се одлучува за жалбата на Легија

Европската фудбалска асоцијација - УЕФА в четврток ќе донесе одлука околу поднесената жалба од страна на Легија Варшава за исфрлувањето од баражот за Лигата на шампионите.

Легија беше вкупен победник на двомечот со Селтик, но УЕФА ја казни поради настапот на Бартош Березински кој беше суспендиран, но влезе во игра во последните неколку минути.

Раководството на полскиот тим дури упати и барање до Селтик да не го зазема местото на екипата која според нив заслужи да оди понатаму.

Березински минатата сезона против АПОЕЛ во Лимасол доби црвен картон и беше суспендиран на три натпревари. Тој ги пропушти средбите на Легија со Ст. Патрик во претходното коло и првиот меч против Селтик за во реваншот во Глазгов да влезе во игра во последните неколку минути. Меѓутоа, УЕФА утврди дека Березански воопшто не бил регистриран за претходната рунда, така што не можел да ја издржува казната.

- На заеднички состанок со претставници на УЕФА ги изнесовме ставовите. Одлуката за жалбата ќе биде објавена за два дена. До тогаш од клубот нема да даваме никакви информации. Значи, ќе ја чекаме официјалната одлука на УЕФА па потоа ќе се произнесеме, соопштија од Легија. Доколку УЕФА не ја усвои жалбата на Легија, тогаш полскиот клуб ќе треба да игра бараж за Лига Европа, а Селтик ќе се бори за влез во групната фаза од Лигата на шампионите.

13.08.2014 - 15:20
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега