Македонец добитник на награда за животно дело за спортски придонес во Чешка

Осумдесет годишниот охриѓанец Анастас Коцарев, тренер по пливање, кој неколку десетици години живее во Чешка, годинава е добитник на наградата за животно дело за исклучителен придонес за спортското пливање, јави дописникот на МИА од Прага.

- Во Македонија порано немаше покриен базен. Кој сакаше да научи да плива, пливаше во езеро. Така и јас почнав. Наутро станував, облекував костим за капење и пливав со постари деца цел ден, вели Коцарев во интервју за чешкиот интернет весник „Валашски деник“.

Коцарев кариерата ја направил во Македонија, кога бил дел и од македонската репрезентација во поранешна Југославија, а од 1967 година кога во поранешна Чехословачка се оженил, работел како професионален тренер по пливање на деца до 15 години во чешкиот град Всетин, во источниот дел на земјата, каде и ја доби наградата за животно дело.

Дел од неговите ученици оствариле значителни успеси.

- Една моја ученичка го преплива каналот Ла Манш. Павел Рандисек учествуваше на трката во пливање во Охрид, во дисциплината на 30 километри и победи, се сеќава Коцарев, за кого се зборува дека имал чудна техника на учење на пливање.

Тој почетниците, со долг стап ги туркал од рабовите на базенот за да не можат да си помогнат со рацете.

- Тоа се покажа како добра техника. Кога сте сред базенот, морате да мавтате со рацете и побрзо ќе се научите да пливате. Доколку некој не успеваше, веднаш го вадев надвор и бев сигурен дека секого можам да спасам, објаснува Коцарев, кој вели дека е среќен кога неговите ученици се сеќаваат и среќаваат со него.

Коцарев се уште оди еднаш неделно на базен, но поради неговата моментална здравствена состојба само влегува во вода, додека до минатата година редовно пливал по еден километар.

 

20.08.2014 - 12:15
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега