Јанкуловска: Реализиравме уште едно успешно издание на фестивалот Охридско лето

Симболични 54 фестивалски настани на 54. издание на фестивалот Охридско лето, со над 25.000 посетители, без ниту едно откажување, е само потврда дека реализиравме уште едно успешно фестивалско издание, оцени денеска директорката на Фестивалот, Елизабета Јанкуловска.

На завршната прес-конференција Јанкуловска забележа дека покрај македонската публика и туристите ова издание ќе го одбележи посетеноста на меѓународни гости, кои доаѓале исклучиво заради ексклузивноста на уметниците.

Оваа година, потсети дека покриени се сцените на Антички и Долни Сарај, надградена е апликацијата за мобилни телефони, на секоја претстава се делеше ЦД со информации за она што препорачува Охридско лето и промоција на Македонија, Охрид и културното наследство, балетот повторно е вратен на сцените на Фестивалот, продолжи со преноси во живо на некои од настапите,...

- Овде не застануваме, веќе од утре почнуваме со промоција и работа за подготовка на јубилејното 55. Издание. Тоа по значење е многу големо и нас не обврзува да направиме нешто посебно, интересно и убаво. На програмата ќе додадеме и дополнувања, кои му личат на 55. издание, како што е документарниот филм, изложби и претставување фотографии и плакати од изминатите 55 години. Ќе направиме една спомен соба со постојана поставка на највредното во изминатите години со оставен празен простор за да се дополнува во иднината, истакна Јанкуловска.

Музичкиот дел од програмата на 54. издание на Охридско лето, според селекторот на музичкиот дел Гордана Јосифова - Неделковска беше величествен преку, како што рече, фасцинантниот настап на реномираниот кинески оркестар Шенжен, изведбата на дела од кинескиот композитор, ремек делото на Чајковски, неговата петта симфонија, но и „Недовршената рапсодија“  на нашиот Томислав Зографски.

- Особено сме горди кога успеваме во реализацијата на идејата странски оркестар да изведува дело од македонски автор. Според изјавите на стручната критика и многубројната домашна и странска публика и оваа година реализиравме уште едно квалитетно, врвно, атрактивно фестивалско издание, достојно за паметење, заклучи Јосифова - Неделковска.

Програмата во драмскиот дел, кој селекторот Ѓорѓи Јолевски ја наслови како „Солзи и смеа“ го одбележаа две премиери, „Ждрело“ на Драмскиот театар и „Предавање“ на Албанскиот театар.

Посочувајќи ги сцените, каде се играа претставите Јолевски заклучи дека дека Заливот на коските е совршено место, кое со својата убавина и посебност ја надополнува театарската уметност. 

- Заливот на коските го прими големиот режисер Паоло Маџели со претставата „Јас и Његош“. Дефинитивно Заливот на коските еден од просторите, кој мора да се применува при секоја изведба на Охридско лето, но се разбира треба да се пронаоѓаат и нови простори, кои ќе овозможат сосема различен поглед на театарската уметност, рече Јолевски.

За 55-тото Охридско лето вети со претставите ќе излезе колку што можеме повеќе надвор од Центарот за култура „Григор Прличев“. - Ќе ги освојуваме старите сценски простори и ќе освојуваме нови сцени, кои ќе ја радуваат театарската публика, нагласи Јолевски. 

20.08.2014 - 14:53
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега