Од денеска стартува Охридскиот маратон

Дваесет и двајца натпреварувачи од 14 држави ќе учествуваат на 28. Пливачки маратон што денеска ќе се одржи на патеката „Климе Савин“ од манастирот „Свети Наум“ до Градското пристаниште во Охрид.

На 30-километарската патека во водите на Охридското Езеро точно напладне ќе запливаат 16 мажи и шест жени од Казахстан, Бразил, Аргентина, Италија, Белгија, Франција, Македонија, Германија, Чешка, Хрватска, Русија, Шпанија, ...

Целта е предвидена за по 17 часот, а по пристигнување на сите учесници на Градското пристаниште, покровителот на манифестацијата, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ќе ги додели наградите. Наградниот фонд за 28-от Пливачки маратон е 10.000 долари.

Охридскиот пливачки маратон е во организација на Меѓународната пливачка организација – ФИНА, главен организатор е Пливачката федерација на Македонија, а техничката организација е на општина Охрид и Капетанијата на пристаништата.

Охридскиот пливачки маратон континуирано се одржува од 1992 година, а првиот официјален маратон во Охрид бил одржан во 1962 година на патеката Пештани – Струга - Охрид во должина од 36 километри. Победник на овој маратон бил египјанецот Абу Хеиф, а третото место му припаднало на охриѓанецот Дики Бојаџи, додека во женска конкуренција победила неговата сестра Атина Бојаџи.

Годинава се навршуваат 60 години од првиот организиран маратон во Охрид, во 1954 година, на релација Горица - Охрид во должина од 2,5 километри, каде учествувале осум натпреварувачи. Победник на овој маратон бил Нико Нестор.

23.08.2014 - 10:24
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега