Пратениците се вратија од одмор - ќе расправаат за ребалансот на буџетот

Седумте нацрт - амандмани на Уставот и ребалансот на Буџетот денеска се на дневен ред на матичните собраниски комисии.  

Текстот на Нацртот на амандмани на Уставот на Република Македонија што Владата пред одморите го достави до Собранието денеска ќе биде разгледуван од собраниската Комисија за уставни прашања со која по функција претседава претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.  

Текстот содржи седум нацрт - амандмани за кои, доколку бидат прифатени, Собранието треба да се изјасни на седницата закажана во среда на 27 август. Нацрт - амандамните што ќе бидат прифатени од пратениците потоа ќе одат на триесетдневна јавна дисксуија, по која Владата повторно до Собранието треба да достави предлог-амандмани во кои би биле вградени забелешки од дисксуијата. Се очекува целата постапка за носење на уставните амандмани да заврши до крајот на октомври.      

Со нацрт - амандман се регулира бракот како заедница помеѓу еден маж и една жена, но и вонбрачната заедница. Во однос на Судскиот совет, се предлага десет од неговите членови да се избираат од редот на судиите, тројца на предлог на Собранието, а двајца на предлог на претседателот на државата. Во нацрт-амандманот се предлага членовите на Судскиот совет да немаат право на реизбор.

Ќе се менува името на Народната банка на Македонија во Банка на Република Македонија со еден од амандманите. Во однос на Државниот завод за ревизија, со нацрт-амандманот се предлага тој да биде независен државен орган, а оти неговиот прв човек го избира Собранието.

Петтиот нацрт-амандман се однесува на формирање на финсиска зона, а со шестиот Владата ја регулира финансиската политика и одредува дека дефицитот не може да изнесува над три отсто од БДП и јавниот долг да изнесува до 60 отсто од БДП.

Последниот амандман се однесува на надлежноста на Уставниот суд, односно дека Судот ќе може да одлучува по уставната жалба за човекови права, како и за одлуките на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

Според најавите за нацрт-амандманите се очекува да бидат организирани најмалку пет дискусии.

Во Собранието денеска се очекува да започне и комисиската расправа за ребалансот на Буџетот.  По завршување на седницата на матичната Комисија за финансирање и буџет  по Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2014 година, предложените амандмани од пратениците заедно со текстот ќе бидат вратени во Владата. Оттаму, пак, со вградените забелешки ребалансот повторно ќе биде доставен до Собранието, кое се очекува да го усвои во средината на септември.

Членовите на Комисијата за финансирање и буџет на посебна седница исто така закажана за денеска ќе го разгледуваат и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, во второ читање.

Седници денеска ќе одржат и Комисијата за култура на чиј дневен ред е Предлог-законот за прогласување на Старото градско јадро на Кратово за културнио наследство од особено значење, во прво читање, Комисијата за  образование, наука и спорт која ќе го разгледува Предлог-законот за дополнување на Законот за спортот, во прво читање и Комисијата за труд и социјална политика која треба да се изјасни за Предлог-закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, во прво читање. 

МИА

25.08.2014 - 09:53
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега