Политичките односи меѓу Македонија и Летонија на исклучително ниво

На билатерално ниво Република Македонија и Република Летонија се исклучително пријателски земји со воспоставени одлични, интензивни односи, но отворени се можностите за интензивирање на соработката, пред се на економски план, но и во останатите области како што се образованието, културата. Тоа на денешната средба во Охрид го истакнаа министрите за надворешни работи на двете држави, Никола Попоски и Едгарс Ринкевичс.

- Денешната посета на Македонија е само потврда на воспоставеното високо ниво на политичкиот дијалог во односите меѓу двете држави. Дискутиравме за билатерални прашања, но и начините и можностите за унапредување на соработката во областа на културата, договоривме изготвување Меморандум за соработка меѓу МНР на двете држави, што сметам дека е од особена важност во период кога Летонија ќе го преземе претседавањето со Европската унија, истакна Ринкевичс.

Шефот на македонската дипломатија потсети дека Латвија, која е силен поддржувач на евроатлантските аспирации на Република Македонија, во првата половина од наредната година ќе претседава со Европската унија, што е многу значаен период за Македонија бидејќи во тој период со доаѓањето на новата Комисија на ЕУ ќе се носат значајни одлуки на ниво на Унијата.

- Иако проширувањето нема да биде најважно прашање на агендата на новата Комисија, туку пред се економските теми, за нас ќе биде значен извештајот за напредокот од  декември. Тука разговаравме за нашите очекувања и реалните согледувања. Веројатно ќе биде обременет со политичките потешкотии што постојат во Европа и веројатно многу повеќе ќе треба да биде посочен на земјите-кандидати и самите состојби кај нив, истакна Попоски.

- Атина нема никаква намера сериозно да се занимава со активности за надминување на недоразбирањата околу името. Наша цел ќе биде во овие 12 месеци да направиме што е можно повеќе на нашата европска агенда во делот што зависи исклучиво од нас, а тоа се реформите, и затоа и со италијанското и со летонското претседателство ќе работиме да направиме што е можно повеќе видливи реформи во битните политички сегменти, за да го олесниме процесот на преговори по нивното отпочнување, истакна Попоски.

По однос зачленувањето во НАТО, тој повтори дека Македонија нема никакви очекувања за можни какви било отстапки од познатите ставови на Атина, односно поставеното вето оценето за нелегитимно од страна на Меѓународниот суд на правдата.

- Не очекуваме дека Грција би направила некаква промена во таквата политика во месеците што следат, оттаму остануваме посветени на остварување на реформите бидејќи тие не прават поподготвени и во подобра форма за понатаму. Тоа ќе го правиме конзистентно и за време на претседавањето на Италија со ЕУ и во летонското претседавање, нагласи Попоски.

Шефот на летонската дипломатија официјалната посета на Република Македонија ја продолжува со средби со претседателот на Владата на РМ Никола Груевски и со претседателот Ѓорге Иванов. 

25.08.2014 - 11:54
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега