Канческа–Милевска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Израел во Македонија

Израел и Република Македонија негуваат добри културни врски кои се одликуваат со реализација на голем број проекти од сите дејности на културата. Потребно е односите меѓу двете земји да се регулираат со потпишување на посебна програма за културна соработка со што би се интензивирала комуникацијата меѓу инстутуциите во двете држави.

Ова го истакнаа на денешната средба министерката за култура Елизабета Канческа–Милевска со Дан Ориан, новоименуван амбасадор на Државата Израел во Република Македонија.

Како што соопшти Министерството за култура, соговорниците потсетија дека во 2004 година Република Македонија и Државата Израел ја регулираа соработката во областа на културата со потпишување на Спогодба меѓу владите на двете земји за соработка во областа на културата, образованието и науката.

На средбата, на која присуствуваше и заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, а во контекст на квалитетната размена на проекти и уметници, беше нагласено дека изминатите години се остварени гостувања на истакнати уметници од Израел. Меѓу позначајните се наведени гостувањето на Израелската филхармонија под диригентската палка на Зубин Мехта, а годинава настапот пред македонската публика, во рамките на фестивалот „Охридско лето“, на израелската музичка актракција „Вока пилп“.

На 53-тото издание на манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“, која започна на 21 август, во Струга, се посочува, беа поканети и две израелски поетеси, Хава Пинкас Коен и Анат Захарија, а во рамките на професионалните посетители - директори и организатори на поетски фестивали, издавачи и книжевни промотори - присуствуваше и Циона Шамај.

На средбата, министерката за култура Канческа-Милевска нагласи дека во рамките на капиталните проекти на Владата на Република Македонија, односно во проектите „Ѕвезди на светската книжевност“ и „Превод на дела кои добиле Нобелова награда за литература“, застапени се автори од Израел или дела на хебрејски јазик, а и во проектот „Антологија на светската поезија“ ќе бидат презентирани и преводи на познати поетски дела на хебрејски јазик.

Соговорниците се согласија дека е потребна поголема соработка меѓу издавачките куќи во двете земји, како што се наведува, во насока што поголем дел од двете литератури да бидат застапени и во нашата земја и во Израел.

- Заради зацврстување на пријателството со израелскиот народ, како една од позначајните активности кои се реализираа во изминатите години е отворањето на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, кој е четврти од овој вид во светот по „Јад Вашем“ во Израел и оние во Вашингтон и во Берлин. Република Македонија активно партиципира и во адаптацијата на павилјонот 17А, кој се наоѓа во Државниот музеј во Аушвиц – Биркенау, Полска, проект под покровителство на УНЕСКО во кој покрај Република Македонија, учествуваат и сите земји од поранешна Југославија, се наведува во соопштението.

25.08.2014 - 14:17
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега