Македонската и српската Влада на заедничка седница во Белград

Денеска Владите на Македонија и Србија во Белград ќе одржат заедничка седница, на чиј дневен ред се повеќе теми од взаемен интерес.

Пред седницата, премиерите на двете земји, Никола Груевски и Ивица Дачиќ, јави известувачот на МИА, ќе имаат тет-а-тет средба, а за попладнево е закажана и заедничка прес-конференција. Премиерот Груевски ќе се сретне и со српскиот претседател Томислав Николиќ, како и со претставници на Македонското национално малцинство во Србија.

 

На пленарната седница, закажана за 12.15 часот, главни теми ќе бидат европските интеграции на двете земји, регионалната соработка, како и унапредување на економската соработка, пред се зголемување на трговската размена, соработка на полето на инвестициите, можност за заеднички настапи на трети пазари, особено во делот на градежништвото, како и во делот на фармацијата, туристичка презентација на можностите на двете земи.

 

Ќе стане збор и за инфраструктурни проекти, главно за завршување на делниците од автопатот К-10 најдоцна до 2016 година, но и за соработка во борбата против трговија со дрога, гранична соработка,  соработка во областа на здравството, социјалата, земјоделството...

 

Во зависност од точките на расправа, на седницата ќе присуствуваат министрите од соодветните ресори, а не комплетните владини состави. Од македонска страна, покрај премиерот Груевски, ќе бидат и вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, вицепремиерот и министерот за финансии Зоран Ставрески, министрите за надворешни и за внатрешни работи, Никола Попоски и Гордана Јанкулоска, министрите за  здравство и за труд и социјална политика, Никола Тодоров и Диме Спасов, за информатичко општество Иво Ивановски, за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски.

 

Седницата на македонската и српската влада е резултат на договорот меѓу двајцата премиери Груевски и Дачиќ од средбата во јануари во Скопје, кога порачаа дека би била дополнителен импулс во развојот на односите меѓу Македонија и Србија.

најчитано сега